Британската туристка на грчкиот остров Икариа починала по пад од карпа

Пад од височина е причината за смртта на британската туристка на грчкиот остров Икариа, според управникот на службата за судска медицина, кој денеска изврши обдукција на телото и просторот каде што беше пронајдено, јави дописничката на МИА од Атина.

Никос Каракукис, управникот на Службата за судска медицина, утрово од Атина пристигна на грчкиот остров за да ги утврди причините за смртта. Според него, 35-годишната Натали Кристофер, паднала од карпа и веднаш починала.

– Постојат знаци и од обдукцијата во просторот каде што се наоѓа трупот и од обдукцијата, односно од надворешниот преглед, кои одговараат на пад од височина. Дополнителна истрага ќе се спроведе во мртовечницата во Атина, а веројатно ќе се направат и лабораториски анализи. Телото денеска ќе биде пренесено во Атина, според она што ми го кажа шефот на полициската истрага, рече Каракукис.

Телото на 35-годишната Натали Кристофер, по 72 часа интензивна потрага, вчера попладне беше пронајдено на непроодна локација, во провалија длабока околу 20 метри, а трупот и во текот на ноќта остана на истото место за денеска да се изврши обдукцијата.

Британката била на одмор на Икариа, заедно со нејзиниот партнер од Кипар, кој во понеделникот напладне пријавил во полиција дека Кристофер е исчезната, откако не одговарала на неговите повици. Претходно, телефонски разговарале, кога му рекла дека излегла да трча и да планинари.

Потрагата по исчезнатата се водеше на копно, во вода и со хеликоптер и со специјална опрема за лоцирање на мобилниот телефон според сигналот, а на грчката полиција ѝ помагаа крајбрежната и противпожарната служба како и волонтери.

Конкретниот случај со Британката, како што веќе објави МИА, во ниту еден момент во Грција не се поврза со смртта на 60-годишната Сузан Итон, Американката биолог, која минатиот месец беше убиена на грчкиот остров Крит.

Итон, на Крит присуствуваше на научен симпозиум, а една седмица се водеше за исчезната откако и се загуби секаква трага едно попладне кога излегла да трча.

За убиството, уапсен е 27-годишен Грк, кој призна дека прво со возилото ја прегазил 60-годишната, потоа ја ставил во багажникот на автомобилот, потоа ја силувал и ја убил.