Британската влада и’ ветува поголеми овластувања на Шкотска

Британската Влада е подготвена да и вети повеќе нови овластувања на Шкотска, доколку на референдумот за независност на 18 септември граѓаните одлучат да останат во составот на Обединетото кралство, изјави денеска британскиот министер за финансии, Џорџ Озборн.

Тој истакна дека плановите ќе бидат објавени во следните денови и дека се планира на Шкотска да и се даде поголема автономија во поглед на даноците, потрошувачката и социјалната помош.

– Ќе видите во следните неколку дена дека се планира давање на поголеми овластувања за Шкотска. Тогаш таа ќе го има најдоброто од двата „света“. Тие истовремено ќе го избегнат ризикот од одвојување, но ќе имаат поголема контрола врз својата судбина, додаде Озборн.

Британскиот министер нагласи дека давањето поголеми овластувања на Шкотска е поврзано со даночната политика, многу поголема фискална автономија, поголема контрола врз јавните расходи, врз стапката на издвојување за социјална помош и други мерки.

– Планираните мерки на Лондон во корист на Единбург би биле резултат на договор меѓу сите три главни партии во британскиот Парламент и ќе се применат оној момент штом ќе се слушне „не“ на претстојниот референдум, истакна Озборн.

На помалку од две недели од референдумот, најновите анкети покажуваат дека кампањата за независност ја поддржуваат 51 отсто од Шкотланѓаните, а против се 49 проценти.