Британскиот министер за одбрана сменет поради Huawei

Британската премиерка Тереза Меј го смени во средата министерот за одбрана Гевин Вилијамсон тврдејќи дека истрагата укажала на негова вина за неовластено давање податоци за разговорите со кинескиот телекомуникациски концерн „Huawei“ на состанокот на британскиот Национален совет за безбедност (NSC).

Минатата седмица во јавноста истекоа информации дека Велика Британија ќе ѝ дозволи на кинеската компанија „Huawei“ ограничен пристап до мобилната мрежа од најновата генерација 5G, барајќи така компромис во жестокиот спор меѓу САД и Кина, и особено оваа компанија, околу идните генерации на комуникациските технологии.

Британскиот Национален совет за безбедност (NSC) е тело на коешто клучните министри од владиниот кабинет дискутираат за високо доверливи теми поврзани со националната безбедност, и истекувањето на овие информации кои прво се појавија во британските весници, предизвика гневни реакции во парламентот.

Премиерката Тереза Меј на министерот за одбрана Гевин Вилијамсон му напишала дека истрагата за истекувањето на информациите потврдила „убедливи докази коишто упатуваат на неговата одговорност за неовластеното објавување“.

Вилијамсон во повеќе наврати ја негираше одговорноста за протекувањето на информациите. Новинарката на јавниот сервис BBC јави дека разговарала со него откако веста за неговиот отказ се појавила во јавноста и оти продолжил да ги негира обвинувањата.

Меј ја именувала министерката за меѓународен развој, Пени Мордант, за шефица на одбраната наместо Вилијамсон, а министерот од истото министерство за Африка а потоа за затворскиот систем Рори Стјуарт, на местото од Мордант.

Во светски рамки големиот произведувач на телекомуникациска опрема „Huawei“ е под надзор откако САД бараат од своите сојузници да не ја корситат нивната технологија обвинувајќи ја компанијата дека ѝ служи на Кина како средство за шпионирање, што компанијата категорички го отфрла.

Вашингтон подолг период наназад врши голем притисок врз европските сојузници да не ја користат опремата од кинескиот комуникациски гигант „Huawei“ за развој на мобилната мрежа од петтата генерација. САД и Австралија ги затворија своите пазари за кинеската компанија, но европските држави сѐ уште не ја донесоа конечната одлук. Во прв ред Германија која засега го нема потпишано договорот со кинеската компанија, но го одбива американскиот притисок да ја исклучи од својот тендер за градење на 5G мрежата.