Британскиот парламент повторно го отфрли договорот со ЕУ, Брисел порача дека нема повеќе да преговара

Британските пратеници со големо мнозинство во вторникот вечерта го отфрлија договорот на премиерката Тереза Меј и Европската унија околу истапувањето на Обединетото Кралство од блокот, фрлајќи го процесот на ткн брегзит во хаос само 17 дена пред планираното раздружување, а нема да има нови преговори за условите на излегувањето предупреди Брисел по гласањето во Лондон.

Британските пратеници гласаа против изменетиот договор за брегзитот со 391 наспроти 242, а преговорите на премиерката Тереза Меј во последен момент во понеделникот со челниците на Европската унија за да се смири загриженоста на нејзините критичари се покажаа јалови.

Резултатите од ова гласање ја доведуваат петтата според обемот светска економија на непознат терен, без јасен патоказ како натаму: да се напушти ЕУ без договор, да се одложи датумот за истапувањето предвидено за 29-ти март, предвремени избори или дури распишување втор референдум за брегзитот. Меј, дури, би можела да се обид и по третпат да ја добие парламентарната поддршка во надеж дека тврдокорните европскептични пратеници од нејзината Конзервативна партија, најгласните критичари на нејзиниот договор со Брисел, би можеле да го променат мислењето, доколку стане поверојатно дека Британија би можела да остан во ЕУ.

Иако загуби Меј, разликата во гласањето беше помало отколку во јануари кога претрпи пораз со рекордни во британската историја 230 гласови. Пратениците сега ќе гласаат во среда за тоа дали Британија треба да го напушти најголемиот тргвоски блок на светот без договор, што е сценарио за коешто деловниот свет главно смета дека ќе донесе хаос на пазарите и во снабдувањето, а други критичари велат дека тоа може да предизвика недостиг од храна и лекови.

Меј порача дека владата нема да им укаже на пратениците од нејзината партија како да гласаат. Портпаролот на опозициската Лабуристичка партија на тоа рече дека тоа значи оти „се откажала од секое претворање дека ја води земјата“.

Поборниците на брегзитот тврдат дека иако излегувањето без договор би можел да доденесе одредена краткорочна нестабилнсот, долгорочно би му овозможило на Обединетото Кралство да просперира и да постигне поволни трговски договри ширум светот. Се очекува, меѓутоа, дека парламентот цврсто ќе го отфрли и брегзитот без договор, па пратениците повторно ќе гласаат во четврток за тоа дали треба владата да побара одложување на датумот на излегувањето за да се овозможат натамошни разговори.

И Меј и ЕУ веќе исклучија секакви натамошни промени од договорот постигна по две и пол години мачни преговори. Меј во понеделникот потпиша три документа во последните напори да го реши најспорниот дел од договорот за раздружувањето, ткн ирски „бекстоп“, заштитен механизам за избегнување повторното воспоставување на тврдата граница на Ирскиот остров.

Гласањето во британскиот парламент значително ја зголеми опасноста од брегзит без договор, и повеќе нема да има преговори со Лондон за условите за раздружувањето, предупреди ЕУ веднаш откако британскиот Претставнички дом по вторпат го одби договорот за брегзитот.

„Тешко дека можеме уште нешто да сториме. Доколку постои решение за сегашниот ќорсокак, само Лондон може да го пронајде“, реше портпаролот на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Додаде дека ЕУ ќе ги продолжи своите пподготовки за брегзит без договор.

Европската комисија изрази жалење поради отфрлањето на договорот на премиерката Меј и ЕУ и истакна дека е „разочарана“ од тоа што британската влада не била способна да најде мнозинство и да го изгласа договорот за истапувањето, кој во ноември го потврдија 27 те земји членки на ЕУ и британската премиерка. Европската унија ќе биде подготвена да го разгледа одложувањето на датумот за брегзитот, доколку Велика Британија тоа мотивирано го побара, додаде портпаролката на Европската комисија, Мина Андреева. Притоа прецизираше дека тоа одложување може да настапи на основа на причини кои ќе ги истакне Лондон за одреден период. Таа одлука едногласно треба да ја донесат 27-те членки, потсети Андреева.

Европската комисија, претседателот на Европскиот совет и европскиот преговарач за брегзитот, Мишел Барние, истакнаа дека ЕУ ги преземала сѐ што можела за договорот за раздружувањето да биде усвоен, додавајќи дека Лондон мора да најде начин за излегување од ваквата ситуација. Исто така, порачаа дека е потребно да се интензивираат подготовките доколку се случи раздружување без договор.