Британскиот сој е присутен во 70 отсто од случаите

Според испитувањата на лабораторијата во Клиниката Жан Митрев британскиот сој на коронавирусот е присутен во 70 отсто од случаите. Очигледно е дека се зголемува бројот на заболените и дека еден дел се должи на овој сој, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

– Зголемен е број на пациенти кои се хоспитализираат, но не го нарушува капацитетот на болниците. Во Скопје има слободни болнички кревети на Инфективната клиника, без модуларната. Во било кој момент се спремни капацитетите на клиниките пак да бидат ковид центри. дополнителни мерки дефинитивно е можно да има, но засега не. Гледаме и следиме дали трендот ќе продолжи вака за да биде ризик да се преоптоварат болничките капацитети  – рече Филипче.

Тој информира дека вчера е потпишан договорот за набавка на 100.000 дози од руската вакцина и дека веќе денеска преку контакти со Руската амбасада ќе се обидат да добијат поконкретни информации кога тие ќе пристигнат. За кинеските вакцини Филипче рече дека се испраќаат дополнителни документ и дека се надевам оти деновиве ќе го имаат и конкретниот датум кога тие ќе пристигнат во земјава.

За наводно слабиот интерес за вакцинација Филипче вели дека околу 180.000 граѓани се регистрирани во системот „Мој термин“ како хронични болни или на возраст над 70 години. Досега се пријавиле 50-тина илјади за вакцина.

– Битно е дека бројот на здравствени работници кои сакаат да се вакцинираат е голем. За две недели ќе ги вакцинираме сите здравствени работници кои работат во ковид-центрите. Планираме и кампањи и повици преку матичните лекари, како и за секоја вакцина, како на пример при епидемијата со морбили лани – додаде Филипче.