Британскиот сој ги полни болниците, за Филипче сѐ е под контрола

Додека државите ширум светот каде што е присутна британскиот сој на коронавирусот преземаат сериозни мерки за ставање под контрола, во Македонија иако оваа варијанта на вирусот зема сериозен замав надлежните велат дека нема потреба од дополнителни рестриктивни мерки.

За неполн месец откако беше детектиран првиот случај во Македонија, британскиот сој  зазеде силем замав и над 50 отсто од вкупниот број заразени се со оваа варијанта.

Ситуацијата сериозно се влошува во Кавадарци каде драстично се зголемил бројот на хоспитализирани, а забрзан раст на бројот на лицата на кои им е потребна хоспитализација се забележува и во Прилеп каде оваа варијанта на вирусот е исто присутна. Поради зголемениот број на хоспитализирани во овој град повторно се отворат Ковид центрите.

Ситуацијата секој ден станува сѐ полоша имајќи го во предвид фактот што оваа варијанта се шири за 70 отсто побрзо од изворниот вирус SARS-CoV-2 и со секој изминат ден ќе биде сѐ потешко неговото ставање под контрола со било какви рестриктивни мерки, а Министерот за здравство Венко Филипче вели дека засега сѐ уште нема потреба од нови рестриктивни мерки бидејќи анализите кои се правеле на ниво на цела држава пакажувале дека има благ пораст на случаите на кои им е потребна хоспитализација.

„Во Прилеп и во Охрид имаме лесно зголемување на бројот на случаи на кои што му е потребна хоспитализација. Нешто повеќе и по значајно во болницата во Кавадарци, меѓутоа се уште и се надевам дека нема да биде тренд кој целосно ќе го исполни капацитетот на болницата. Сега болницата на Кавадарци е практично на едно ниво на кое што беше во месец ноември кога беше најголем притисокот. Меѓутоа ја анализираме и состојбата во целата држава, и кога ја анализираме така, има сосема благо зголемување на бројот на хоспитализирани случаи во споредба со минатиот месец“, рече Филипче.

Но, ваквата анализа на ниво на целата држава не ја отсликува реалната состојба со новата варијанта бидејќи истата не е потврдена во сите градови низ државата.