Британскиот суд потврди дека хетересексуална двојка е дискриминирана во однос на хомосексуалните

Највисокиот суд во Велика Британија во средата ја уважи жалбата на хетересексуална двојка којашто тврдеше дека властите ја дискриминираат во однос на хомосексуалните двојки, бидејќи не ѝ даваат исто право на избор меѓу брак и животно партнерство.

Постапката кон Ребека Стејнфелд и Чарлс Кејдан е неспоива со законите за човековите права, пресуди британскиот Врховен суд, доавајќи дека неговата пресуда не ги обврзува властите на промена на законот за животното партнерство. Петте судии напишале дека властите одбиле да го променат законот за животно партнерство од 2004 година, кога го донесоа законот со кој се дозволиваат венчавки на лица од ист пол.

„Според тоа, партнерите од ист пол кои сакаат да ги нормализираат своите односи имаат избор меѓу животното партнерство и бракот. Истиот избор не им стои на располагање на хетеросексуалните двојки“, напишал судот. Триесет и седумгодишната Стејнфелд и 41-годишниот Кејдан во жалбата навеле „вистински идеолошки приговори за бракот, бидејќи сметаат дека го одбележува историската патријархална природа“, се додава.

Британските власти во мај започнаа да ја разгледуваат можноста за промена на законот за животно партнерство, обидувајќи се да утврдат колкав е интересот меѓу хетеросексуалните двојки за ваквиот институционален однос. Кејдан за медиумите изјави дека според нивните сознанија во Велика Британија живеат околу три милиона вонбрачни двојки.