Британските експерти изненадени од изјавата на Џонсон за посмртоносниот сој на коронавирусот

Британските здравствени стручњаци во саботата изјавија дека се изненадени од тврдењето на премиерот Борис Џонсон дека новиот сој на коронавирусот SARS-CoV-2 кој кон средината на декември прват се појави во Англија, би можел да биде посмртоносен во однос на оригиналната варијанта на вирусот.

Сѐ уште не е целосно сигурно дека новиот сој на коронавирусот е поврзан и со повисоката стапка на смртноста во однос на оригиналната, изјавила за BBC Ивон Дојл, директорка на извршната агенција на Одделот за здравство и социјална грижа на Велика Британија, која дејствува под името Народно здравје на Англија.

„Постојат некои докази, но тие се преуранети. Станува збор за мал број случаи и прерано е да се зборува за тоа како нештата ќе се развиваат“, изјавила Дојл алудирајќи на моменталните научни истражувања.

Членот на британскиот научен панел SAGE, Мајк Тилдесли, се согласува со Дојл и смета дека е прерано со сигурност да се зборува за зголемената смртност од новиот сој на коронавирусот. Тој за BBC вели дека е „изненаден“ од изјавата на премиерот Џонсон.

„Би сакал да почекам уште седмица или две, а за тоа време ќе го следиме развојот на настаните, пред да донесеме цврсти заклучоци“, истакнал Тилдесли.

Бројот на смртните исходи од Covid-19 благо се зголемил од 10 на 13 на 1.000 пациенти, додал Тилдесли, предупредувајќи дека овој податок почива „на релативно мал број податоци“.

Британскиот премиер Борис Џонсон во петокот вечерта за новинарите изјави дека постојат докази според коишто британската варијанта на коронавиорусот, позната и под називот B117, е посмртоносна од онаа којашто досега преовладуваше и во земјата и во светот.

Научниците уште претходно се согласија дека новиот сој на коронавирусот е позаразен меѓу 50 и 70 отсто, но досега високите британски функционери јавно не предупредуваа дека тој би можело да биде и посмртоносен и да влијае врз развој на потешки форми на болеста.