Британските конзервативци ја зголемуваат разликата со лабуристите

Британската владејачка Конзетвативна партија ја зголемува својата предност пред опозициската Лабуристичка партија во пресрет на предвремените парламентарни избори на 12-ти декември, покажува истражувањето на јавното мнение кое го спровело YouGov, а го објави агенцијата Reuters.

Во анкетата 45 отсто од испитаниците ги поддржуваат конзервативците, додека 28 проценти рекле дека ќе гласаат за лабуристите. Следат либералните демократи со 15 отсто поддршка, а 4-процентна доверба кај гласачите има партијата Брегзит на Најџел Фараж.

Според овие показатели, конзервативците ја достигнале најголемата поддршка од 2017 година, а разликата од лабуристите достигнала 17-процентни поени, споредено со јазот од 14-процентни поени претходно седмицава.

Преку предвремените избори британскиот премиер Борис Џобнсон има намера да најде излез од ќорсокакот во кој се најде во процесот на изгласување на договорт кој го постигна со Брисел за истапувањето на Обединетото Кралство од Европската унија.

Британија требаше да ја напушти ЕУ на 29-ти март годинава, но Долниот дом трипати го отфрли предлог договорот кој го постигна претходната премиерка Тереза Меј, која поради тоа мораше да се повлече. ЕУ се согласи да го одложи брегзитот за април или мај, но потоа беше одреден како датум 31-ви октомври. Потоа Џонсон, кој инсистираше дека Британија ќе ја напушти Унијата на 31-ви октомври, со или без договор, беше принуден на 19-ти октомври да испрати барање до Европскиот совет кој се согласи да го одложи брегзитот до 31-ви јануари, со можност тоа да се случи и претходно, доколку биде изгласан договорот.