Британските конзервативци водат во анкетите, но дали ќе имаат мнозинство

Конзервативната партија на британскиот премиер Борис Џонсон, според истражувањата на јавното мнение, води пред предвремените парламентарни избори на 12-ти декември, но додека пред неколку седмици се чинеше дека „ториевците“ ќе имаат мнозинство по изборите, некои анкети сега сугерират дека остварувањето на таа цел би можело да биде тешка задача.

Четири анкети кои беа објавени во саботата покажуваат дека конзервативците имаа предност меѓу 8 и 15=процентни поени во однос на Лабуристичката партија на Џереми Корбин.

Според за конзервативците најнеповолната анкета, Џонсон не може да смета на мнозинство во парламентот за да го спроведе брегзитот до 31-ви јануари, особено доколку избирачите не гласаат за партиите за кои вообичаено гласат, туку наместо тоа ги одберат кандидатите зависно од тоа дали го поддржуваат или не излегувањето на Обединетото Кралство од Европската унија.

 

Разцепкан таборот на противниците на брегзитот

Велика Британија е поделена на 750 изборни единици, а релативниот победник во изборната единици станува пратеник во Долниот дом на парламентот.

Партијата Брегзит на Најџел Фараж нема да истакне свои кандидати во изборните единици во која конзервативците победија на изминатите избори, додека Либерално демократската партија, велшките националисти (Plaid Cymru) и Зелената партија постигнаа договор во одредени изборни единици да има само еден кандидат од трите партии со најголеми шанси.

Меѓутоа, во овој договор не се вклучени Шкотската национална партија (SNP) и главната опозициска Лабуристичка партија, што поради британскиот изборен систем го слабее таборот кој се противи на брегзитот.

 

Убедлива победа на конзервативците или парламент без мнозинство?

Институтот за истражување на јавното мнение Savanta ComRes објави дека предноста на конзервативците се истопила од 10 на 8-процентни поени пред лабуристите, во споредба со анкетата објавена во средата. Шефот на одделот за политика, Крис Хопкинс, вели дека последните денови од кампањата ќе бидат клучни.

„Разликите се неверојатно тесни. Конзервативната предност пред лабуристите која би се истопила или би се зголемила за еден или два процентни поена, би можела да одреди дали конзервативците би имале значително мнозинство или никој во парламентот нема да има мнозинство“, вели Хопкинс.

Лабуристите сега се залагаат за втор референдум, на кој гласачите би можеле да изберат нов договор за брегзитот, кој би го преговарал нивниот лидер Џереми Корбин, или би изгласале останување во Европската унија. Корбин, кој инаку беше долгогодишен евроскептик, е под притисокот на гласачката база на лабуристите и мораше да ги ревидира свотие ставови, иако во дебатите не одговараше на прашањето за која опција тој би гласал на тој референдум.

Инаку британските анкети беа изразено непрецизни на минатите избори во 2017 година, кога ги потценија лабуристите, најавувајќи убедлива победа на Тереза Меј која распиша избори во надеж дека ќе осигури мнозинство во парламентот, за по изборите да го загуби мнозинството и да зависи од поддршката на северноирската ултраконзервативна Демократска унионистичка партија (DUP). Анкетите, исто така, не предвидуваат дека на референдумот на 23-ти јуни 2016 година Британците ќе изгласаат излегување од ЕУ.

Единствено анкетата на YouGov точно ги прогнозираше резултатите од изборите во 2017 година, користејќи го регресискиот и постратификациски модел на повеќе нивоа (MRP). Во YouGov тогаш точно ги прогнозираа резултатите во 93 отсто од изборните единици.

Весникот The Sunday Times го пренесе истражувањето на Datapraxis во кој е користен споменатиот модел MRP, а преку интернет биле собрани 500.000 одговори. Тој предвидува дека Џонсон ќе има 38 пратеници повеќе од потребното мнозинство, што е десет помалку од проценката пред две седмици.

„Никогаш досега немали толку неодлучени избирачи, а толку доцна во кампањата“, вели директорот на Datapraxis, Пол Хилдер, и додава дека во 80 до 90 изборни единици засега не може сигурно да се одреди кој ќе победи, поради што и тој предвидува можен парламент без мнозинство, но и можна убедлива победа на конзервативците.

Од YouGov кој во ноември предвидуваше убедливо мнозинство на конзервативците, своето ново истражување на јавното мнение ќе го објави во вторник.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.