Британските лабуристи јавија за хакерски напад среде кампањата, нападнати и конзервативците

Главната опозициска британска Лабуристичка партија, соопшти во вторникот дека била жртва на „сеопфатен компјутерски напад“ среде кампањата за предвремените парламентарни избори на 12-ти декември, а агенцијата Reuters повикувајќи се на два извора во владејачката партија пренесува дека и конзервативците во вторникот биле хакерски нападнати.

„Дигиталните платформи на Лабуристичката партија претрпеа софицстициран и сеопфатен компјутерски напад“, соопшти портпаролот на партијата во соопштение, додавајќи дека нападот не успеал „благодарејќи на квалитетниот систем за безбедност“.

И лидерот на партијата Џереми Корбин рече дека во нападот не е хакирана ниедна информација. Нападот се случил во понеделникот. „Доколку ова е навестување на она што може да се случи во текот на изборите, навистина станувам нервозен“, призна Корбин на предизборен собир во Блекпул, на северозападот од Англија.

Во вторникот попладнето официјалната мрежна страница на Лабуристичката партија не била достапна. Одговарајќи на прашањето за можен нов напад, партијата засега не ги коментираше случувањата. Исто така, не наведе дали располага со податоци за сторителите на напаодт, велејќи дека сѐ пријавила на надлежните власти.

Партиски извор на владејачката Конзервативна партија за агенцијата Reuters рекле дека, мрежната страница на партијата била кибернетички нападната околу 16 часот по локално време, во обид да биде „турната“, но дека не била постигната целта. Официјалниот портпарол на конзервативците не можел да ја потврди оваа информација.

Притоа, еден од изворите на агенцијата рекол дека нападот бил различен од оној кој бил извршен врз веб-страницата на опозициската Лабуристичка партија, но сепак не ги појаснил разликите.

Телевизијата Sky News посочува дека во случај на нападот врз сајтот на лабуристите, може да станува збор за ткн DDoS кога хакерите ја преоптоваруваат веб-страницата преку илјадници компјутер чии сопственици и не се свесни за тоа. Станува збор за еден од наједноставните кибернетички напади, кои самите посебе не доведуваат до кражба на податоци и информации. Сепак, ваквиот напад може да биде придружен со паралелни обиди на хакерите да добијат пристап до податоците за корисниците на нападнатите страница.

На 10-ти ноември весникот The Daily Mirror објави дека британското разузнавање MI-5 презема „мерки без преседан“ за да ги заштити од хакирања телефоните на политичарите кои ќе учествуваат на изборите на 12-ти декември. Според весникот, безбедносните служби го подигнале нивото на тревога, откако неидентификувани хакери неколкупати се обиделе да добијат пристап до податоците за телефоните на политичарите. Како што рекол еден од нападнатите британски пратеници, чие име не се наведува, претставници на тајните служби го информирале за „насочени обиди на странска држава да ги хакираат“ записите од неговиот мобилен телефон.

Обединетото Кралство е среде предизборна кампања за предвремените парламентарни избори распишани за 12-ти декември, за да се реши проблемот со напуштањето на Европската унија. На овие трети парламентарни избори во последните четири години конзервативниот премиер Борис Џонсон се надева дека ќе освои доволно мнозинство за да ја изведе земјата од ЕУ.