Британските либерални демократи изнесоа план за запирање на брегзитот

Либералните демократи во средата го претставија својот план за вонредните парламентарни избори во Обединетото Кралство на 12-ти декември, ветувајќи дека ќе го запрат процесот на излегување од Европската унија и ќе вложат милијарди во јавните служби благодарејќи на парите кои наводно ќе се создадат со останувањето во ЕУ.

Оваа проевропска партија која се обврза дека веднаш ќе го запре процесот на раздружување од ЕУ за кој на референдумот на 23-ти јуни 2016 година гласаа 52 отсто од Британците, има намера да се справува и со климатските промени и да вработи повеќе учители. Либералните демократи ветуваат и дека ќе ја легализираат марихуаната и ќе воведат „регулиран пазар“.

„Првата фаза од нашиот план за подобра иднина е едноставна: да се запре брегзитот и да се искористи ‘бонусот’ кој ќе го добиеме со останувањето, а ќе го вложиме во јавните служби… Со останувањето на Обединетото Кралство во Европската унија можеме да се концентрираме на решавањето на вистинските проблеми во нашата земја и (…) 50 милијарди фунти да ги вложиме во јавните служби и борбата против нееднаквоста“, се истакнува во партиската програма на сто страници.

Сумата од 50 милијарди фунти, односно 58 милијарди евра, соодветствува на износот коешто наводно британската економија би ги заработиле во следните пет години, доколку земјата остане во ЕУ.

Изборите закажани на 12-ти декември ги посакуваше конзервативниот премиер Борис Џонсон кој се надева дека ќе освои мнозинство во парламентот за да го протурка договорот за брегзитот кој со тешки напори го постигна со ЕУ.

Конзервативната партија на Џонсон е во водство во анкетите со најголема разлика последните години пред левичарската Лабуристичка партија, коај сака да разговара за друг договор за брегзитот кој ќе го понуди на гласање пред Британците, со крајна можност земјата да остане во ЕУ. Либералните демократи, на трето место во анкетите со околу 15 отсто, велат дека се единствената политичка партија која е навистина решителна во намерата да го запре брегзитот и се надева дека ќе ги добие гласовите од еурофилите од сите политички провиниенции. Сепак, политичкиот систем оди во полза на двете најголеми политички формации, па либералните демократи во најдобар случај може да влезат во коалиција, доколку ниедна партија не освои мнозинство.