Британските пратеници го отфрлија распоредот за законот за Брегзит

Британските законодавци го одобрија предлог-законот на премиерот Борис Џонсон за Брегзит, но одбија да биде усвоен во рок од три дена во Долниот дом на Парламентот.

Прво 329 пратеници гласаа „за“ предлог-законот за излез на Велика Британија од ЕУ да се испрати на понатамошно разгледување и за евентуални амандмани, а 299 беа „против“.

Пратениците потоа со големо мнозинство го отфрлија обидот на Владата законот да се усвои по брза постапка во рок од три дена.

Владата побара Долниот дом на Парламентот да го одобри нацрт-законот до четврток, 24 октомври, а потоа да го испрати до Горниот дом на Парламентот за да стане закон пред 31 октомври.

На тој начин, Велика Британија би можела да ја напушти ЕУ во закажаниот рок на 31 октомври.

Сепак, 322 пратеници гласаа против краткиот рок, кој на Долниот дом на Парламентот му даваше само три дена да расправа за нацрт-законот, додека 308 беа „за“.

Ова значи дека ќе биде речиси невозможно Џонсон да го исполни ветувањето за излез на Велика Британија од ЕУ на 31 октомври, со оглед на тоа што пратениците бараат повеќе време да го разгледаат законот.

Џонсон има два избори – да се согласи на пратениците да им даде повеќе време, што значи дека ќе го одложи Брегзит најмалку неколку недели, или ќе го повлече законот и ќе се обиде да ги натера пратениците да гласаат за распишување избори, коментираат светските агенции.

И во двата случаи ЕУ мора да се согласи за одложување на Брегзит.