Британското разузнавање предупредува на кинеска шпионажа во парламентот

Британската разузнавачка агенција MI5 ги предупреди парламентарците на дејствување на наводна агентка на кинеската влада во британскиот парламент.

Конзервативниот пратеник Ијан Данкан Смит, кој е еден од најкритичните британски политичари на Кина, изјави во обраќањето до колегите дека „MI5 контактираше со претседателот“ на Претставничкиот дом како и дека тој ги „предупредува пратениците дека агент на кинеската влада дејствувал во парламентот“.

Кабинетот на претседателот на Претставничкиот дом, Линдзи Хојл, потврди дека испратиле известување „во договор со безбедносната агенција“, без натамошни коментари.

„Знам дека многумина ќе бидат загрижени поради фактот дека лице кое свесно учествувало во политичко делување за сметка на Кинеската комунистичка партија ги целела парламентарните претставници“, напиша на Twitter британската министерка за внатрешни работи Прити Пател.

Меѓутоа, министерката истакнува дека идентификувањето на лицето било „резултат на цврстите системи коишто Велика Британија ги воспостави за да ги открие вмешувањата однадвор и секоја можна закана за нашата демократија“.

Кинеската амбасада во Лондон ги негираше обвинувањата со официјално соопштение за јавноста.

„Немаме потреба и никогаш не сакаме да ‘купуваме влијание’ во странски парламент. Решително се спротиставуваме на клеветите и заплашувањето на кинеската заедница во Велика Британија“, се истакнува во објавата на кинеската дипломатска мисија.

Во предупредувањето коешто го упатило MI5, а го пренесуваат медиумите, се наведува дека станува збор за извесна Кристина Ли којашто „свесно учествувала во активности на политичко вмешување за сметка на Одделот за работа на Обединетиот фронт на Кинеската комунистичка партија“.

Покрај тоа, посредувала во исплата на „финансиски донации на политички партии, како и на сегашни и идни парламентарни претставници во Велика Британија“, наведува истиот извор и додава дека парите пристигнувале до странски државјани од Кина и од Хонгконг.

Според британското разузнавање, Кристина Ли наводно му исплатила стотици илјади британски фунти на Бари Гардинер, поранешен висок функционер на опозициската Лабуристичка партија и на самата партија.

Таа се фотографирала со поранешниот конзервативен премиер Дејвид Камерон на еден настан во 2015 година, а во друга прилика со поранешниот челник на лабуристите Џереми Корбин. Во 2019 година тогашната британска конзервативна премиерка Терезе Меј ја одликуваше Кристина Ли за придонес во пријателските врски на Обединетото Кралство со Кина.

По наводите, Бери Гардинер се огласи со писмена изјава во којашто наведува дека сите донации ги пријавил според прописите, додавајќи дека синот на Кристина Ли работел за него сѐ додека во четвртокот не поднел оставка.

Пратеникот Ијан Данкан Смит изрази и загриженост поради тоа што Ли сѐ уште не е уапсена, туку ѝ е само забранет влез во парламентот. Повика и на измени на правилата за акредитирање во парламентот. Неговото име, инаку, е на листата британски политичари за кои Кина воведе санкции поради критиките на нејзините наводно репресивни политики кон туркофоното муслиманско малцинство Ујгури.