„Бритиш Ервејз“ ги запре своите летови кон и од Кина

„Бритиш Ервејз“ (British Airways) ги прекина сите директни летови до и од континентална Кина, откако здравствените власти на Велика Британија предупредија за опасноста од епидемијата на коронавирус, пренесоа британските медиуми.

Од официјалниот сајт на авиокомпанијата се дознава дека во јануари и февруари нема да има директни летови до Кина.

„Се извинуваме за предизвиканите проблеми, но безбедноста на нашите клиенти и екипажи секогаш е наш приоритет“, соопштија од авиокомпанијата. „Оние кои ќе патуваат до или од Кина во следните денови можат да најдат повеќе информации на нашиот сајт“, додаде компанијата.

Велика Британија ги советуваше своите државјани да не патуваат до континентална Кина, освен ако тоа навистина не им е неизбежно, поради коронавирусот.