„Бритиш ервејз“ откажува илјадници летови поради недостиг на работници

Британската авиокомпанија „Бритиш ервејз“ објави дека ќе откаже уште 10.300 летови до поблиски дестинации кои беа вклучени во распоредот на летови меѓу август и крајот на октомври. Со тоа бројот на откажани летови во периодот од април до октомври ќе се приближи до 30.000, пишува Би-Би-Си.
Во соопштението објавено во средата, БА рече дека ќе ги откаже летовите на лондонските аеродроми Хитроу, Гетвик и Сити.
Секторот за воздушен транспорт се бори со недостиг на работници во период на силно закрепнување на побарувачката за авионски превоз по пандемијата на коронавирусот, потсетува Би-Би-Си.

„Целиот авијациски сектор продолжува да се соочува со значајни предизвици и ние сме целосно фокусирани на зајакнување на отпорноста на нашиот бизнис за да им обезбедиме на клиентите безбедност што ја заслужуваат“, соопштија од БА.

Тие додадоа дека контактираат со клиентите на кои ќе им биде понудено враќање на парите или резервација на нов лет, со можност да изберат друг превозник.

Рори Боланд од БА изјави за Би-Би-Си дека најновата објава е „критичен доказ“ за неуспехот во управувањето со летниот распоред на летови.
„БА продолжи да ги промовира и да продава летови што не можеше да ги преземе, и покрај тоа што илјадници клиенти се соочија со хаосот од откажувања во последните недели“, рече Боланд.

Најавата на „Бритиш ервејз“ сигнализира дека голем број авиокомпании, вклучително и Easyjet, се принудени да ги намалат амбициите за она што се надеваа дека ќе биде одлично лето, забележува Би-Би-Си.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.