Брнабиќ: Дијалогот Белград-Приштина е клучен за стабилноста на целиот регион

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, за време на лидерската вечера во Брисел со другите пет лидери од земјите од Западен Балкан, организирана на покана на шефот на европската дипломатија, ја истакна важноста на дијалогот Белград – Приштина.

По умерените пораки на претседателот Александар Вучиќ околу перспективите за успешен дијалог со Приштина наскоро, српската премиерка изјави дека дијалогот е во интерес на сите од целиот регион и дека Белград останува посветен на тој процес.

-Постои некоја фрустрација околу тоа што првиот состанок беше одложен од страна на Приштина. Јас ја повторив пораката и на претседателот Вучиќ, тоа е и политиката на Србија, дека ние сме секогаш подготвени за дијалог. Дека дијалогот е во интерес на сите, и на Белград и на Приштина и пред се на сите кои живеат на просторот на Косово и Метохија, како и на целиот регион – истакна Брнабиќ.

Таа нагласи дека целокупната регионална стабилност зависи од дијалогот и преговарачкиот процес помеѓу Србија и Косово.

-Секогаш е подобро да се разговара и се надевам дека првиот состанок ќе може да се закаже во текот на јуни изјави Брнабиќ.

Од доаѓањето на власт на новиот косовски премиер Албин Курти Брисел се уште не успеал да закаже рунда преговори помеѓу Белград и Приштина. По преземањето на власта, Курти, даде до знаење дека има и други приоритети.