Брнабиќ: Енергетиката е наш врвен приоритет, размислуваме и за интерконектор со Македонија

Премиерката на Србија Ана Брнабиќ смета дека денес, 65 години после Римскиот договор, не може да се каже дека Европа е целосно економски реконструирана и интегрирана, без целосна интеграција, односно како што посочува, опфаќање на Западен Балкан. Тоа е логично бидејќи, вели, целиот регион е опкружен со земји членки на ЕУ.

– Ние сме опколени од членки на ЕУ и затоа логично е да се прими Западен Балкан во европското семејство на нации колку што е можно побрзо Тоа е политички економски, но и стратешки исправна одлука. Тоа е за наше добро и за добро на ЕУ. Во ова време ова подеднакво треба да биде важно на нашата агенда како и на агендата на ЕУ. Затоа сакам повторно да ги повикам нашите европски партнери да почнат преговори со Северна Македонија и Албанија колку што е можно поскоро бидејќи тоа е исправно. Исто така, тоа е важно и за нас Србија, затоа што напредувањето на целиот регион кон ЕУ е крајно важно за регионалната безбедност и мирот и економскиот просперитет. Ова е и во полкитичка и во економска смисла. Србија им дава стопроцентна поддршка на сите наши партнери во регионот да продолжат со преговорите колку што е можно побрзо, ова ја вклучува и БиХ, рече Брнабиќ, на панелот „65 години после Римскиот договор: Дали Европа е целосно економски реконструирана и интегрирана?“ во рамки на Преспа форумот за дијалог во Охрид.