Брнабиќ најави шест приоритети на претставувањето на „владата на континуитетот“

97

Новата влада на Србија ќе биде влада на економскиот и политичкиот континуитет, најави во средата српската премиерка Ана Брнабиќ претставувајќи ги во парламентот новите министри и шесте клучни цели во нејзиниот нов четиригодишен мандат.

Брнабиќ ги истакна стратешките приоритети: продолжување на борбата со коронавирусот; зачувување на државните и национални интереси во самопрогласената поранешна српска јужна покраина Косово и Метохија; борбата против организираниот криминал и мафијата; зачувување на независноста и самостојноста во одлучувањето на Србија во внатрешната и надворешната политика; владеењето на правото и натамошното економско јакнење на државата, за што побара поддршка од пратениците во Скупштината за нејзината програма.

„Србија денеска е земја којашто престана да ниже историски порази и стана земја којашто победува. Почнавме да веруваме во себеси, во сопствените капацитети и сопствениот успех. На меѓународен план Србија е земја којашто е почитувана и уважувана, а не земја пред која се поставуваат ултиматуми и услови“, истакна Брнабиќ.

Брнабиќ, која по победата на Српската напредна партија (СНС) на јунските парламентарни избори од претседателот Александар Вучиќ го доби мандатот да ја води и следната влада, истакна дека нејзниот министерски кабинет ќе биде „проевропски, определен за забрзување на процесот на европската интеграција“ и усогласување на српскиот устав со европските вредности во областа на правосудството.

Зборувајќи за еден од трите нови ресора, министерството за општествен дијалог и права на граѓаните, Брнабиќ најави дека неговата клучна улога ќе биде унапредувањето на дијалогот и работата со невладиниот сектор.

Мора да се гради довербата, порача Брнабиќ, гарантирајќи дека нејзината влада е целосно подготвена и искрена во намерите да работи на јакнењето на демократското општество и рамноправното учество на граѓаните во сите аспекти на животот.

„Високо меѓу приоритетите ќе биде инклузивното општество, активната борба против дискриминацијата, општество кое им дава подеднакви шанси на своите граѓани“, истакна Брнабиќ.

Меѓу стратешките определби на влдата го наведе и членството во Светската трговска организација (СТО – WTO), како и унапредувањето на регионалната соработка, бидејќи според нејзина оцена „само безбеден регион обезбедува дека Србија ќе биде безбедна“.

„Затоа и натаму ќе работиме на регионалната соработка“, порача Брнабиќ истакнувајќи ја во тој контекст политичко-економската иницијатива за ткн „мини Шенген“.

По експозето на Ана Брнабиќ, се очекува дека откако пратениците ќе го потврдат нејзиниот избор на министрите и програмските цели усогласувани минатата седмица на Претседателството на владејачката СНС, владата ќе ја положи свечената обврска вечерва околу 20 часот.

Истовремено, од дел од опозициските партии кои ги бојкотираа јунските избори, експозето на Брнабиќ го нарекоа „фикција“ и „почеток на предизборна кампања“, бидејќи претседателот Вучиќ претходно навести дека оваа влада ќе биде „реформска влада за кризни времиња“ во време на пандемијата, а нејзиниот мандат го ограничи најдоцна до април 2022 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.