Брнабиќ: Не постои простор за разговор со Курти

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека е срамно тоа што се слушнало на вчерашната прослава во Книн при хрватското одбележување на Денот на победата и татковинската благодарност.

„Срамно е тоа што беше кажано дека Србите сами себе се протерале од Хрватска и дека Белград е виновен за тоа. Срамно е што го видовме усташкиот поздрав „За дом спремни“, како и усташките симболи и знаме и тоа се пораки до Србите протерани од таму дека за нив нема враќање“, кажа Брнабиќ.

Додаде дека од Европската Унија се слуша, како што кажа, заглушувачка тишина, и дека Брисел не се осврнува на нацистичките поздрави во една своја членка.

Зборувајќи за ситуацијата на Косово поради неодамнешните настани на северот на поранешната српска покраина, разговорите кои се очекуваат во Брисел на 18 август и изјавата на заменик помошникот на државниот секретар на САД Габриел Ескобар дека мора да биде формирана Заедница на српски општини, но во согласност со косовскиот устав, Брнабиќ кажа дека таа изјава не влева оптимизам.

„Ескобар кажа дека мора да се направи сè во согласност со уставот на таканаречено Косово, а приштинскиот уставен суд веќе кажа дека договорот од Брисел не е во согласност со косовскиот устав. Не гледам простор за разговор со (косовскиот премиер) Аљбин Курти, бидејќи кај него нема волја за разговор“, кажа српската премиерка.

„Ние очекуваме формирање Заедница на српски општини каква што беше договорена во Брисел, тоа го чекаме цели 10 години“, заклучи Брнабиќ.