Брнабиќ: Србија на никаков начин не влијаеше на изборниот процес во Црна Гора

Српската премиерка Ана Брнабиќ соопшти дека Србија на никаков начин не се меша во внатрешните работи на Црна Гора и оти на никаков начин не влијаела на изборниот процес во Црна Гора.

Таа преку соопштение нагласи дека има обврска да реагира на ставовите искажани во интервјуто на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, кој рече дека е можно неговата партија да загубила поради незадоволството на граѓаните од некои политики, што не е достигнато нивото на очекуваните стандарди, но како можна причина тој ја наведе манипулацијата на Црквата и официјален Белград во врска со Законот за слобода на вероисповед.

Брнабиќ истакнува дека станува збор за обид за политичка измама, што Ѓукановиќ ја користи за да ги објасни причините за изборниот резултат на неговата партија.