Брнабиќ: Забраната за увоз на руска нафта е отворен чин на непријателство кон Србија

Забраната за увоз на руската нафта, во рамките на санкциите на Европската унија против Русија, што ја иницираше Хрватска, е „очигледно отворен акт на непријателство кон Србија и за тоа дека тие се подготвени да користат сѐ против Србија, па така и енергетската криза“ оцени во петокот српската премиерка Ана Брнабиќ.

„Ние ќе мораме малку поинаку да се позиционираме“, изјави Брнабиќ во разговорот за телевизијата ТВ Прва, без да прецизира што би значело промената на позициите на Србија и кон кого.

„Тој единствен нафтовод на кој сме приклучени, за жал, минува низ Хрватска. Покажа дека е несигурен партнер, несигурен добавувач и дека ја користи енергетиката во политички цели…. Србија го плати секој динар за користење на нафтоводот“, рече Брнабиќ.

Премиерката оцени дека најавата од ЕУ дека Србија не е изземена од осмиот пакет санкции против Русија и дека не е изземена од одлуката за забраната за увозот на руската нафта „практично значи санкции кон Србија“.

На прашањето дали Србија може без увозот на нафта од Русија, Брнабиќ одговори „можеме целосно без руската нафта“, истакнувајќи дека снабдувањето од други извори би било значително поскапо.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави во четвртокот во Прага дека Србија може преку Хрватска да увезува секаква нафта освен руската и дека не може „доколку сака европска перспектива да седи на две столчиња“.

„Веќе неколкупати ѝ порачав на Србија дека во ваквите околности не може да седи на две столчиња, не може да биде земја која ќе дојде тука, ќе разговара за европската перспектива и да очекува големи испораки, а да не почитува ниедна санкција против Русија“, рече Пленовиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, реагирајќи на изјавата на Пленковиќ, запраша „како да се преживее во Европа во ситуација ако едните на другите ќе си подметнуваме нозе“.

Членките на ЕУ постигнаа во средата договор за осмиот пакет санкции против Русија, кој се однесува на ограничувањето на цената на нафтата којашто Русија ја извезува во трети земји, за што реално не се очекува дека ќе има особен ефект. Пакетот санкции, меѓу другото, вклучува и правна основа за воведување ограничување на цените на руската нафта, но тоа би требало да се однесува само на поморскиот транспорт на сировата нафта и одредени деривати во трети земји и поврзани со услугите.

Нафтената индустрија на Србија (НИС) ја увезува руската нафта преку терминалот Омишња на хрватскиот остров Крк и Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ). Кога ЕУ во јуни го усвои ембаргото на увозот на руската нафта во ЕУ по морски пат, што ќе стапи на сила во декември а се изземени конитненталните членки, како Унгарија, Чешка, Словачка но и како Бугарија, а тоа ќе значи дека Србија нема да може веќе да ја транспортира руската нафта од Крк преку ЈАНАФ до рафинеријата во Панчево, која е една од најголемите во регионот.

Во предлогот за осмиот пакет санкции Европската комисија даде исклучок за Србија и предложи ЕУ да ѝ дозволи продолжување на транспортот на руската нафта од Крк и ЈАНАФ во Панчево, бидејќи станува збор за прашање на енергетската безбедност за целиот Западен Балкан.

Нафтената тема доминираше во петокот на насловните страници на белградските весници, а во многу од нив се инсистира на оценката дека се спроведува „валкана војна на ЕУ против Србија“ и дека ЕУ „за жал, е немоќна да ја спречи хрватската саботажа“.