Брнабиќ – Заев: Кризата надмината со заедничко повлекување на разузнавачите

Проблемите треба да се решаваат со дијалог, отворени прашања ќе има и натаму – рекоа во Белград македонскиот премиер и неговата српска колешка и домаќинка Ана Брнабиќ во вторникот.

Заев како пример за надминување на отворените прашања ја посочи кризата по аферата Живаљевиќ и повлекувањет на амбасадата.

„На многу пријателски, дипломатски начин најдовме решение за тоа што се случи во Македонија поврзано со човекот вработен во српската амбасада во Македонија. Направивме билатерален договор, Србија го врати својот човек, ние го вративме нашиот човек. Така прават пријателите. Претседателот Вучиќ и јас имавме разговор тогаш, директно го дефиниравме она што се случуваше со амбасадата и најдовме решение какво што им доликува на пријатели“, вели Зоран Заев – премиер

Дијалогот мора да биде постојан порача српската премиерка Ана Брнабиќ, бидејќи само така можат подобро да се разберат позициите и кога има спротивставени ставови за да се решат отворени прашања. Брнабиќ ја најави и заедничката седница на вете влади која треба да се одржи крајот на февруари следната година.

„Важно е да имаме дијалог. Не значи дека нема да постојат и понатаму некои отворени прашања, не значи дека нема да има никакви проблеми, но само преку дијалог може да се решаваат конструктивно проблемите и мислам дека тој дијалог нема да престане во наредниот период и дека практично ќе се отвориме за некоја нова соработка“, вели Брнабиќ Ана – премиер на Србија

Заев во Белград се сретна и со претседателот Вучиќ. Во Палата Србија македонскиот премиер на својот српски домаќин му подари дрес на фудбалскиот клуб Вардар со бројот девет. Нема информација дали Заев побарал одговори околу кампањата со т.н македонско сценарио кое беше клучно во претседателската кампања на Вучиќ.
Макеоднскиот премиер е во прва официјална посета на Србија, откако билатералните односи меѓу двете земји се влошија, состојбата кулминираше во април годинава со упадот во собранието кога беше присутен и Горан Живаљевиќ , припадник на српската Безбедносно-информативната агенција, чијашто улога се уште не е разјаснета, што доведе до натамошно влошување на македонско-српските односи. Живалевиќ не се врати во Македонија.

Повеќемесечната напнатост во односите на двете земји кулминираше кон крајот на август годинава со повлекување на целиот дипломатски персонал од амбасадата на Србија во Скопје поради наводно „агресивно разузнавачко дејствување“ против интересите на Белград.

Србија на 20-ти август го повлече персоналот од својата амбасада на консултации во Белград. Персоналот се врати во Скопје по четири дена и амбасадата продолжи со работа на 25-ти август.