Брнз : САД силно стојат зад евроинтеграциите на Македонија и патот кон ЕУ

Американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз вчера на свеченоста во Американската амбасада по повод 246-годишнината од независноста на САД порача дека патот на С. Македонија е кон европската иднина и спроед неа земјава и граѓаните ќе мораат да се соочат со сите тешки предизвици кон целата.

„Како што Северна Македонија, како што вие, ќе продолжите да се искачувате по ридот кон посигурна евроинтегрирана иднина, ќе мора да се соочите и со тешки предизвици. Дилемите што тие ги создаваат се единствени за вашата држава и вашето патување, но во соочувањето со нив не сте сами. САД се со вас на тоа искачувње“, порача синоќа Брнз.

Во присуство на претставници на државниот врв, политичките партии, граѓанскиот сектор и медиумите Брнз порача дека како што двете држави ќе се соочуваат со нови предизвици, така ќе се справуваат со нив заедно, како сојузници, партнери и пријатели.

Таа потенцира дека изминатите три години Северна Македонија напредувала од земја која тежнеела да стане членка на НАТО, до сигурен, еднаков и способен сојузник. Потсети дека во мај земјава беше домаќин на вежбата „Брз одговор“, која беше најголемата воена вежба досега одржана на полигонот „Криволак“. Таа напомена дека Северна Македонија постојано ја покажува својата посветеност на стратешкото партнерство и поддржувањето на демократските принципи – истите идеали, што, како што рече амбасадорката, Русија се обидува да им ги негира на граѓаните на Украина.

„Северна Македонија е сигурен пријател на кој му веруваме. Заедно соработуваме за да ја заштитиме животната средина, културата и економските можности коишто ја прават Северна Македонија витален дел од регионот, истакна Брнз.

Таа додаде дека од 2019 година САД има инвестирано речиси 60 милиони долари во индустријата, инфраструктурата и иновациите, создавајќи илјадници работни места.