Бројките на заразени поразителни, „паднаа во вода“ разговорите за избори

Откако неколку дена по ред бројот на новозаболени од коронавирусот е особено висок, разговорите за одржување на избори час поскоро замреа. Додека СДСМ инсистира дека изборите на петти јули се завршена работа и од овој датум не може да има било какви поместувања, во ВМРО ДПМНЕ велат дека следните неколку недели неопходно е фокусот да биде исклучиво на справување со епидемијата од коронавирусот, а потоа повторно да се седне на маса и да се договорот изборите.

Антонио Милошоски вели партијата е подготвена за избори, но сега не е време за нив.

„ВМРО-ДПМНЕ како партија и организација е секогаш спремна за избори, но во овој момент, следните две три недели најдобро е цела држава да ги стави сите ресурси на располагање, да ја сузбиеме пандемијата и да го намалиме бројот на заразени и за жал починати, а по однос на одредување на датумот навистина е непристојно и дегутантно во момент кога имаме најголем број на заразени во регионот ние да лицитираме со датуми. Тука би сакале да продолжи политичкиот дијалог со сите останати политички партии врз основа на здравствените параметри“, вели Милошоски.

Владиниот партнер ДУИ, кои исто така се залагаа за избори на почетокот на јули сега благо ретерираат. Од партијата на Али Ахмети велат петти јули е датумот за избори доколку вонредната состојба заврши на 14 јуни, но треба да се следи развојот на ситуацијата со вирусот во наредните денови. ДУИ и понатаму остануваат на ставот дека денот на изборите треба да биде консензуално решение, а вицепремиерот Османи вели овие две недели треба да се искористат за да се приближат ставовите.

„Овие две недели треба да се искористат за максимален фокус на здравственото прашање, како и за комуникација меѓу политичките партии, за да се постигне консензус за датумот за предвремените парламентарни избори“, вели Османи.

До петокот минатата недела партиите беа во интензивна комуникација со цел да се договорат за датумот за избори, но неуспешно. Одлуката на претседателот Пендаровски има даде дополнително време за разговор, но лидерот на СДСМ, Заев во понеделникот ја затвори можност за договор велејќи дека изборите се затворена тема и тие ќе се одржат на петти јули. Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски пак изјави дека „каналот на комуникација“ не треба да се затвори и разговорите треба да продолжат, но откако бројот на заболени ќе се намали блиску до нулата.