Бројни спортски настани откажани во Велика Британија по смртта на кралицата Елизабета

Бројни спортски настани во Велика Британија се откажани по смртта на кралицата Елизабета Втора, која почина вчера на 96-годишна возраст.

Во знак на жалост по повод смртта на британската кралица, денешниот дуел во англискиот Чемпионшип меѓу Барнли, во чии редови настапува македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов, и Норич е откажан, а нема да се одигра и натпреварот во Лига 2 меѓу Транмере и Стокпорт.

За овој викенд се откажани и коњските трки, натпреварите во рагби и крикет, како и голф турнирот во Вентфорт. Откажана е велосипедската трка низ Англија која требаше да финишира в недела.

Засега нема официјално известување дали овој викенд ќе се играат натпреварите во Премиерлигата.

Англиските медиуми наведуваат дека многу прволигашки клубови очекуваат одложување на натпреварите закажани за в сабота и недела.