Бројот на милијардерите во светот е удвоен во изминатите десет години, благодарејќи на економскиот систем базиран на нееднаквоста која на својот грб ја носат жените, предупреди во понеделникот британското здружение за борба против сиромаштијата Oxfam.
Богаството на 2.153 светски милијардери ја надминува вкупната сопственост на 4,6 милијарди луѓе, односно на 60 отсто од светската популација, покажува годишниот извештај на Oxfam, објавен непосредно пред почетокот на самитот на светските политички и деловни лидери во швајцарски Давос.
„Овој длабок јаз се темели на погрешниот и сексистички економски систем“, констатираат авторите на извештајот кои прават една компарација според којашто 22-цата најбогати мажи на светот имаат повеќе пари од сите жени во Африка, коишто според податоците на ОН ги има 316 милиини на возраст од 20 и повеќе години.
Жените и девојките дневно трошат милијарди неплатени часови на готвење, чистење и грижа за блиските, поради што многу меѓу нив не можат да се образуваат, ниту да се вработат. Вредноста на новниот труд е трипат поголема од вредноста на глобалната технолошка индустрија, утврдиле во Oxfam.
Владите во светот со неадекватното оданочување на најбогатите поединци и компаниите, се откажуваат од парите со коишто жените би можеле да се извлечат од сиромаштијата, предупредуваат од оваа британска организација.
Од Oxfam предлагаат следните десет години еден отсто од најбогатите луѓе на планетата да плаќаат само за 0,5 отсто повисоки даноци, што ќе овозможи според нивните процени, отворање на 117 милиони работни места во секторите како што се здравството, образованието и грижата за старите лица и децата.