Бројот на случаите на Covid-19 во Италија веројатно поголем од проценетиот

Можно е дури шест пати повеќе луѓе од официјалните бројки да биле заразени со новиот сој коронавирус во Италија, според истражувањето коешто владата во Рим го објави во вторникот.

Истражувањето коешто го спровеле здравствените служби и заводот за статистика Istat, открило дека 1,5 милиони луѓе, односно 2,5 отсто од населението на Италија би можело да има развиено антитела на коронавирусот.

„Бројката од 2,5 отсто изгледа мала, но може да се претвори во нешто проблематично, доколку не бидеме претпазливи“, коментираше во средата директорот на Istat, Карло Блангиардо.

Италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанѕа изјави дека мерките за ограничување се важни и дека владата ќе продолжи со внимателна и строга политика во тој контекст.

Студијата е спроведена од 15-ти мај до 15-ти јули, со тестирање на 64.500 испитаници, кои се избрани како репрезентативен примерок.

Според податоците на американскиот универзитет „Џонс Хопкинс“, кои се засновани само на официјално соопштените показатели, во Италија од почетокот на епидемијата во февруари досега се регистрирани 248.419 случаи на зараза со коронавирусот, од кои смртен исход имале 35.171 зараза.

Некои стручњаци и претходно предупредуваат дека вистинскиот број на заразените во Италија би можел да биде многу поголем, бидејќи многумина не ги препознале симптомите кои укажувале дека се инфицирани со вирусот и поради тоа не биле тестирани.

Споменатата студија потврдува дека многу луѓе кои биле позитивни на тестирањето на Covid-19 немале симптоми на болеста. Според резултатите од истражувањетото, 27,3 отсто од испитаниците со антитела немале никакви симптоми, а подеднакво во оваа група се застапени и жените и мажите.

Децата помлади од 5 години и возрасните постари од 85 години имале помалку изгледи да бидат заразени со вирусот, бидејќи биле позаштитени. Другите возрасни групи биле главно подеднакво погодени од вирусот, покажува истражувањето.

Ризикот од заразата бил најголем во семејното опкружување, бидејќи 41,7 отсто од лицата кои биле во исто домаќинство со лицата позитивни на коронавирусот развиле антитела.

Истражувањето покажало и значајни регионални разлики во поглед на антителата. Во Ломбардија, најпогодениот италијански регион, антитела имаат 7,5 отсто од населнието, додека на југот на Италија антителата се пронајдени кај помалку од 1 отсто од населението.

Изминатите месеци бројот на новите случаи во Италија драстично се намали Земјaта којашто на почетокот од епидемијата на коронакризата имаше и до 6.000 нови случаи дневно, сега има малку повеќе од стотина случа на коронаинфекции на дневно ниво.