Бројот на вакцинирани во светот го надмина бројот заразени, Македонија уште ги чека првите дози

Ниту една вакцина досега не е пристигната во Македонија. Најавите за први дози се одложуваат и пролонгираат. И додека светот се вакцинира, последниот неделен извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со коронавирусот покажа дека во земјава има зголемување на новозаболени лица од 17,9 проценти.

Според извештајот за 41,4 проценти е намален и бројот на оздравени пациенти.

Првите вакцини од компанијата AstraZeneca во Македонија ќе пристигнат во март, а во меѓувреме според најавите од властите „се очекуваат“ вакцините и од други производителите во текот на овој месец.

Додека Македонија чека, бројот на луѓе кои се вакцинирале против Covid-19 на глобално ниво го надмина вкупниот број на заразени случаи во светот.

Агенцијата ТАСС денеска објави дека врз основа на анализа на официјалните податоци и медиумските извештаи, во светот се вакцинирани најмалку 105,1 милион лица, додека вкупно заразени од коронавирусот се околу 103,9 милиони луѓе.

Најголем број вакцинирани се во САД (33,7 милиони), потоа следуваат Велика Британија (10,2 милиона) и Израел (5,05 милиони).

Процентуално, пак, според бројот на населението, во Израел вакцинирани се 56,86 отсто од вкупното население, во Обединетите Арапски Емирати 38,83 проценти, а на Сејшелските Острови 36,25 отсто.