Бројот на загинатите во поплавите во Либија достигна 3.000! Светот бавно реагира за помош

Бројот на загинатите во поплавите во Либија достигна 3.000, а уште неколку илјади се водат за исчезнати, соопшти министерот за здравство на либиската влада.

Либиската Црвена полумесечина утринава соопшти дека градовите Дерна, Бенгази, Бајда и Ал Марџ, како и Суза се најпогодени од катастрофата, јави Анадолија.

„Статистиката ги вклучува сите погодени градови кои беа изложени на поплави“, рече изворот, истакнувајќи дека повеќето луѓе загинале од давење или уривање на станбени згради.

Околу 7.000 семејства остануваат заробени во погодените области, рече изворот, додавајќи дека во тек се спасувачки операции за нивна евакуација.

Либиската Црвена полумесечина исто така загуби четворица од персоналот додека помагаше во спасувачките напори, додека уште еден се води како исчезнат.

Абдул Хамид Дбејбех, шеф на либиската влада на единство со седиште во Триполи, ги прогласи сите области изложени на невремето и поплавите за зони на катастрофа и прогласи тридневна национална жалост.

Тела сè уште лежат на многу места

Како што рече Осман Абдулџалил, министер за здравство, ситуацијата во Дерна е катастрофална.

– Тела сè уште лежат на многу места. Дерна е сега град на духови – рече министерот Абдулџалил.

Делови од градот се отсечени поради поплавите и тој апелираше до меѓународната заедница за помош, велејќи дека на властите итно им се потребни тимови за пребарување и спасување.

Ахмед Мисмари, портпарол на Либиската национална армија (ЛНА) со седиште во источниот дел на земјата, рече дека две брани се урнале под притисокот на поплавите.

– Како резултат на тоа се урнаа три моста. Водата што тече однесе цели населби и на крајот ги наталожи во морето. Куќите во долините беа однесени од силни струи од кал кои носеа возила и отпадоци – рече тој.

Телефонските линии во градот исто така се во прекин, што ги отежнува спасувачките напори, а работниците не можат да влезат во Дерна поради големото уништување. Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат потопени автомобили, срушени згради и порои вода кои брзаат низ улиците.

Властите не ги предвиделе размерите на катастрофата и биле сосема неподготвени. Поплавите зафатија неколку градови, вклучувајќи ги Ал-Баида, Ал-Марџ, Тобрук, Такенис, Ал-Бајада и Батах, како и на источниот брег до Бенгази.

Турција испраќа три авиона со помош

Турција ќе испрати три авиони со спасувачки тимови и хуманитарна помош во Либија, соопшти турското Министерство за надворешни работи. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на својот профил на социјалната мрежа Х објави дека неговата земја ќе испрати 168 спасувачи, две специјализирани возила и два спасувачки чамци во Либија.

Освен тоа, авионите кои утрово ќе заминат за Бенгази ќе бидат натоварени со стотици шатори, генератори, храна, облека и санитарни производи.

ЕУ подготвена да помогне

И Европската Унија ѝ понуди помош на Либија во справување со последиците од невремето, соопшти шефот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел на X.

– ЕУ внимателно ја следи ситуацијата и е подготвена да даде поддршка, напиша тој.

„Тажен сум од сликите на разорувањата во Либија, опустошена од екстремни временски услови кои предизвикаа трагична загуба на многу животи“ – напиша Борел.

Либија, земја со шест милиони жители, е поделена меѓу завојуваните фракции од 2014 година, по бунтот поддржан од НАТО против Моамер Гадафи во 2011 година. Едната влада е во Триполи, на запад, предводена од Абдул-Хамид Дбеибех, а другата на исток, поддржана од Калифа Хафтар.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.