Бројот на заразени од коронавирусoт во Косово се зголеми на девет лица

Четири нови случаи на заразени од коронавирусот се откриени денеска во Косово, со што, два дена по појавување на првите два случаја, бројката на лица носители на Ковид-19 во земјата се зголеми на деветмина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Информацијата вечерва, преку својата страница на Фејсбук, ја објави косовскиот министер за здравство Арбен Витиа, кој побара од премиерот Албин Курти да ѝ препорача на Владата да прогласи вонредна состојба во јавното здравство.

Витиа информира дека резултатите на денешните тестирања на над 70 сомнителните случаи покажаа дека четири нови лица се заразени од новиот вирус.

Станува збор за три лица од општина Малишево, кои биле во контакт со пациентката која вчера беше позитивна на коронавирусот, и за прв случај на заразен од општина Подујево.

– Заедно со претходните случаи, сега во Косово имаме девет потврдени позитивни случаи со Ковид-19. Поаѓајќи од создадената ситуација и со цел заштита на здравјето на населението, штотуку побарав од премиерот Албин Курти да ѝ предложи на Владата прогласување вонредна состојба за јавното здравство, напиша Витиа.

Во петокот беше објавено дека во Косово се откриени првите два потврдени случаја на носители на коронавирусот, и тоа во градовите Витина и Клина, а вчера се појавија уште три нови заразени, меѓу кои и жената од Малишево. Сите овие три општини Владата ги стави во карантин, односно ја забрани нивната посета и напуштање од страна на граѓаните.