Бројот на заразени со ковид-19 расте, ни Заев ни Филипче не кажуваат кога ќе стигнат првите нарачани вакцини

Бројот на пациенти заразени со ковид-19 во земјава и натаму е во пораст. Зголемен број на пациенти има во Скопје, Кавадарци, Неготино, Прилеп и Охрид. Во изминатото деноноќие се направени 3.519 тестирања, а регистрирани се 843 нови случаи. Починати се 11 лица, сите во болнички услови, а оздравени се 333 пациенти, од кои 115 се од Скопје.

Здравствените власти уверуваат дека со почитување на мерките за заштита и со вакцинација ќе се сузбие пандемијата. Вакцинацијата против ковид-19 во земјава почна на 17 февруари годинава и досега се вакцинирани околу 3.500 здравствени работници со вакцината на „Фајзер“. Ресорниот министер Венко Филипче уверува дека сме подготвени за масовна вакцинација на населението. Вакциналните пунтови насекаде низ земјава се подготвени, има едуцирани доктори и сестри за работа со вакцините и смета дека процесот треба добро да се одвива. Информира дека досега околу 120.000 граѓани се пријавени за вакцинација и најави дека се планира кампања за таа цел.

Како што најави премиерот Зоран Заев, деновиве во земјава треба по ДХЛ да стигнат првите количини од руската вакцина Спутник V, кои се наменети за три илјади граѓани, но не сакаше да го открие точниот датум.

Во гостување на телевизија „Сител“ министерот за здравство Венко Филипче рече дека се надминати проблемите со документацијата поради кои Кина го врати капарот за набавка на 200.000 дози од вакцината на Синофарм.

-Ние тоа го направивме со цел да ја забрзаме постапката. Отпосле не информираа дека се потребни на нивно барање, некои дополнителни документи и за наша сигурност се врати уплатата. Сега се расчисти административната процедура, сега разговараме за кога треба да пристигне таа кинеска вакцина. Тоа што со сигурност го знаеме е дека разговараме и за тоа зема обврска и кинеската страна дека целокупната количина ќе стигне веднаш. Но сега, навистина не знам, очекувам информација, рече Филипче, додавајќи дека не сака да се обврзува со рокови кога тие би пристигнале во Македонија и дека за разлика од КОВАКС и Фајзер, оваа количина треба да пристигне наеднаш.

За евентуални нови рестриктивни мерки, Владата ќе ја чека Комисијата за заразни болести.

-За евентуално други рестриктивни мерки ќе ја чекаме Комисијата за заразни болести. Веројатно тие ќе работат денеска и во текот на викендот, а во понеделеник во 9 часот стандардно има состанок Главниот координативен штаб на Владата каде присуствува и министерот за здравство. Ние ќе ги следиме нивните препораки. Имаме еден нов пик, но да видиме што ќе кажат бројките овие денови и конечно кој ќе биде предлогот на Комисијата за заразни болести, рече вчера премиерот Заев.

Со ист став е и министерот Филипче, кој изјави дека се внимателни и ќе ја следат состојбата со ковид-пациентите во земјава и следните денови. – Заклучно со почеток на следната недела ќе одлучуваме дали се потребни некакви дополнителни рестриктивни мерки или не, нагласи Филипче.

Граѓаните, порача, мора да ги почитуваат превентивните мерки и затоа што тоа и понатаму останува еден од главните механзими во борбата против пандемијата со КОВИД-19.