Бројот на заразените во Германија може да е десет пати поголем

Експертите од Универзитетот во Бон врз основа на истражување  дојдоа до заклучокот дека бројот на лицата кои во Германија се заразиле со новиот тип коронавирус би можел да биде десет пати повисок од официјалната бројка.

„По оценувањето на податоците од ткн Хејнсберг студијата и проекцирањето на оваа бројка на ниво на целата земја, дојдовме до заклучокот дека вкупниот број на актуелно и досега заразените од коронавирусот би можел да изнесува 1,8 милиони“, изјави во понеделникот водачот на истражувањето Хендрик Штрек на преставувањето на студијата во Бон.

Со тоа бројката на заразените би можела да биде десет пати повисока од официјалната бројка од 163.175 лица, којашто во понеделникот ја објави референтниот Епидемиолошки институт „Роберт Кох“ (RKI).

Студијата била спроведена од почетокот на април на околу 900 жители на општината Гангелт, во западногерманскиот округ Хејнсбер, кој се смета за едно од жариштата на заразата во Германија. Основата на студијата е стапката на смртноста на заразените со коронавирусот којашто во Гангелт изнесува 0,37 отсто.

Врз основа на овие податоци и пресликувањето на моделот на цела Германија, научниците дошле до бројката од 1,8 милиони заразени. Студијата, исто така, покажала и дека секоја петта инфекција минува без никакви видливи симптоми.

„Секој кој делува здраво во принцип во себе може да го носи вирусот. За тоа треба да бидеме свесни и согласно со тоа да се однесуваме“, додаде Гинтер Хартман, еден од авторите на студијата.

Таканаречената Хејнсберг студија сѐ уште не минала низ постапката на научна проверка која е потребна за објавување, но поради посебните правила кои важат во време на пандемијата на коронавирусот, студијата веќе е претставена.