Бројот на жртвите во безредијата во Чиле се зголеми на 19, евакуиран националниот конгрес

Бројот на загинатите во текот на безредијата кои го потресуваат Чиле од минатата седмица достигна 19 лица, а последната жртва е државјанин на Перу кој починал во петокот во болница, додека поради продолжените немири е евакуиран националниот Конгрес, пренесуваат медиумите.

Перуанецот имал прострелна рана со која се здобил пред неколку дена, во текот на напад во продавница во јужниот дел од чилеанската престолнина Сантијаго, пренесува агенцијата EFA. Претходно властите известија за смртта на двајца државјани на Колумбија, уште еден на Перу и еден на Еквадор.

Во петокот вечерта телевизијата 24Horas објави дека националниот Конгрес на Чиле бил евакуиран откако група демонстранти се обидела да се пробе во зградата. Претходно во петокот група лица предизвикала безредија пред и на влезот во зградата, поради што безбедносните служби ги блокирале сите влезови. Сепак, била донесена одлука поради безбедносни причини сите лица во Конгресот да ја напуштат зградата, а институцијата да ја прекине работата.

Протестите кои прераснаа во немири, грабеж, акти на вандализам и судири со полицијата започнаа во Сантијаго на 14-ти октомври, една седмица откако чилеанските власти решија да ја зголемат цената на билетите за метроро за 3,7 отсто, во просек од 30 пезоси, или 0,0042 американсики долари, до максимум 859 пезоси, или 1,2 долари. Подоцна, на 18-ти октомври, немирите се проширија и на другите поголеми градови во земјата, и ескалираа во судири во полицијата, подигнување барикади на улиците, големи оштетувања на станиците на подземната железница кои се проценуваат на околу 300 милиони долари, а ограбувани се и палени трговски центри, поради што на улиците на големите градови беше изведена војската и оклопни возила.

Претседателот Себастијан Пинера воведе вонредна состојба во Сантијаго и во поголемите чилеански градови, а исто така одлучи да го повлече најавеното зголемување на цените за јавниот транспорт. Во вторникот тој објави план со редица мерки за социјална поддршка на населението, вклучително и зголемување на пензиите и намалување на тарифата за електричната енергија. За реализација на овие мерки се планира да се потрошат 1,2 милијарди доалри.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.