Бројот починати од коронавирусот во Франција се зголеми за 330 лица

Бројот на жртвите на новиот тип коронавирус во последното деноноќие во Франција се зголеми за 330 лица, надминувајќи го прагот од 25.500 луѓе, соопшти во вторникот Генералната дирекција за здравство (DGS).

„Од почетокот на епидемијата хоспитализирано е 94.191 лице. Од нив 52.736 лица се отпуштени од болниците, а оваа бројка не ги вклучува лекуваните во домашни услови. Од први март тагуваме по 25.531 смртни исходи поврзани со Covid-19“, се наведува во соопштението.

Според информациите на DGS, во болниците починале 16.060 пациенти, а 9.471 лице во социјалните и медицинско-социјалните установи. Ден претходно беше соопштено за 25.201 починат.

Во болниците ширум Франција сѐ уште се хоспитализирани 24.775 пациенти, а во последните 24 часа биле хоспитализиран 987 нови пациенти. Во понеделникот бројот на новите хоспитализации беше помал за речиси 300, односно во болниците беа примени 689 пациенти.

На одделите за интензивна нега згрижени се 3.430 пациенти во тешка состојба, се додава во вторничкиот извештај на француските здравствени власти.