Бројот загинати во земјотресот во Кина се искачи на 46, се трага по уште 16 лица

Билансот на жртвите во земјотресот што вчера ја потресе југозападната кинеска провинција Сечуан достигна 46 загинати и 50 повредени. Според последните информации што денеска ги објави кинескиот „Народен дневник“, 16 лица се водат како исчезнати.

Најтешко погодена од земјотресот со интензитет од 6,8 степени по Рихтеровата скала е областа Лудинг, на околу 200 километри оддалеченост од Ченгду, главниот град на провинцијата.

Потресот уништи куќи и предизвика лизгање на земјиште. Многу од улиците во засегнатото подрачје сè уште се блокирани од урнатини, а  во прекин е снабдувањето со електрична енергија и вода, како и комуникациската мрежа.

Во тек е голема операција за пребарување и спасување, со илјадници вклучени во активностите. Кинеската влада ја мобилизираа и војската да помогне во спасувањето и справувањето со последиците, за што е ангажирани и хеликоптери и беспилотни летала што пребаруваа од воздух. Употребена е и тешка механизација за расчистување на погодените области.

Кинеското Министерство за финансии и Владата на Сечуан обезбедија по 50 милиони јуани (околу 7,2 милиони долари) финансиска помош за настраданото подрачје, објавија државните медиуми.