Бројката на обесправени граѓани од ПИОМ се качи на 14.000

Бројката на осигуреници на кои пари не им биле префрлани во вториот пензиски столб, од 12.000, се искачи на 14.000.

За скандалот со непрефрлањето средства кој го откри министерката за труд Мила Царовска, од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС, велат дека бројките кои тогаш ги обзнани Царовска  биле само проценка.

На овие осигуреници од буџетот до сега им се префрлени 18 милиони евра.

Со реформата во пензискиот систем пак, според која сите со навршени 52 години ќе може да бидат членови и да добиваат пензија само од првиот столб, од пензиското друштво велат дека досега 16 600 лица потпишале и доброволно се префрлиле од вториот во првиот столб. Од друштвата кон ПИОМ се слеале 2,4 милијарди евра.

Сепак, ова не се официјалните бројки. Целиот процес се одвива етапно и треба да заврши на 30ти септември.

Во текот на минатата година во пензиските друштва од вториот пензиски столб имало 490 илјади членови на просечна возраст од 35 години. Во друштвата слеани се околу 1 милијарда евра, покажуваат податоците од Годишниот извештај на МАПАС.

Оттаму уверуваат дека пензискиот систем е стабилен и сигурен.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.