Бројот на невработени во светот ќе порасне за 3,2 милиони

Во текот на оваа година, бројот на невработени лица во светот ќе се зголеми за 3,2 милиони, така што вкупниот број ќе изнесува 203, 3 милиони луѓе. Ова се наведува во најновиот извештај на Меѓународната организација на труд (МОТ), кој беше презентиран на 103-та сесија на Генералната конференција на МОТ, пренесува ИТАР-ТАСС.

МОТ додава дека според пресметките до 2019 година бројот на невработени треба да се зголеми за уште 10 милиони и предвено е тој да изнесува 213 милиони луѓе. Оттаму додаваат дека растот на невработеноста не е поради глобалната економска криза, туку поради зголемувањето на бројот на активното работно население, поготово во земјите кои се во развој.

На високо нивно останува и младинската невработеност, односно 13 отсто од лицата на возраст од 15 до 24 години немаат постојани приходи. Според објавените информации тоа се 73,6 милиони лица, што е зголемување на 4,1 отсто во споредба со 2007 година.