Свет

Бројот на загинатите на патиштата се зголемил на 1,35 милиони годишно

Бројот на загинатите на патиштата се зголемил на 1,35 милиони годишно

На секои 24 секунди едно лице го губи животот во сообраќајни несреќи во светот, или вкупно 1,35 милиони годишно, и овие несреќи сега стануваат главната причина за смртните случаи кај децата и младите, објави во петокот Светската здравствена организација (СЗО) барајќи глобален одговор.

Бројот на загинатите во текот на изминатите три години се зголемил за околу 100.000, а сообраќајните несреќи сега се водечката причина за смртност кај децата и младите на возраст од пет до 29 години, наведува споменатата здравствена организација на Обединетите нации во својот најнов извештај.

„Овие смртни случаи се неприфатлива цена за мобилноста… Нема изговори за недејствувањето. Тоа е проблем за кој постојат испробани решенија“, напиша во писмена изјава директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Извештајот за безбедноста во сообраќајот, базиран на податоците до крајот на 2016 година, покажува дека ситуацијата се влошува. Во претходниот извештај, кој го опфаќаше периодот до 2013 година, бројот на загинатите во сообраќајните несреќи во светот беше проценет на 1,25 милиони луѓе годишно.

Меѓутоа, и покрај зголемувањето на севкупниот број загинати, стапката на смртноста е стабилна, бидејќи расте и бројот на луѓето и бројот на возилата. „Тоа сугерира дека напорите за безбедност во сообраќајот во некои средно богати и во богатите земји ја ублажило ситуацијата“, оценуваат од СЗО.

Во најголем дел тоа е поради подобрите закони коишто ги регулираат клучните ризици, како што е пречекорувањето на брзината на возењето, возењето под влијание на алкохол и дроги, користењето бебедносни појаси и детски седишта. Побезбедната инфраструктура како што е поставувањето тротоари и воведувањето ленти за велосипедите, како и построгите критериуми за техничката исправност на возилата, дале резултати.

Но, додека многу земји ги зајакнале напорите да ја подобрат ситуацијата, многу сиромашни земји заостануваат. Според извештајот на СТО „ниту една сиромашна земја не успеала да го намали вкупниот број загинати“ и ризикот од губењето животи во сообраќајните несреќи останува трипати поголем отколку во развиените земји. Стапката на смртноста, така, е особено висока во Африка каде што гинат 26,6 лица годишно на секои 100.000 жители, во споредба со 9,3 загинати лица на секои 100.000 жители во Европа, која е дел од светот со најмалка стапка на смртност во сообраќајните несреќи.

Извештајот на СТО фрла светлина и на разорувачката негрижа кон најранливите категории учесници во сообраќајот. Имено повеќе од половината загинати во сообраќајните несреќи биле или пешаци или лица кои управувале возило на две тркала. Во вкупниот број загинати пешаците и велосопедистите сочинуваат просечно 26 отсто, во Африка таа бројка е највисока и изнесува 44 отсто, додека возачите на мотоцикли и нивните сопатници сочинуваат 28 проценти, а најмногу ги има југоисточна Азија – 43 отсто.