Бројот на загинатите во Џенова се искачи на 35, полицијата објави видео од уривањето на надвозникот

721

Бројот на загинатите во уривањето на надвозникот во италијански град Џенова порасна на 35, објави весникот La Repubblica малку потоа откако министерот за внатрешни работи Матео Салвини извести за 30 жртви, а службата за цивилна заштита стравува дека бројот на жртвите ќе биде уште поголем.

„Стравуваме дека бројот на жртвите и повредените ќе се зголеми, бидејќи сѐ уште се работи на отстранувањето на остатоците од урнатиот надвозник“, изјавил шефот на одделот за цивилна заштита при Советот на министри на Италија, Анџело Борели.

Како што пишува La Repubblica, според последните официјални податоци, меѓу жртвите е едно девојченце. Бројот на повредените во моментов е 14, од кои пет се наоѓаат во критична состојба.

Спасувачите и натаму продолжуваат со пребарувањето и расчистувањето на остатоците од надвозникот Моранди, и досега од смачканите возила и од под урнатините се извлечени три или четири живи лица.

Во вторникот околу 11,30 часот во Џенова се урна надвозникот кој е дел од автопатот А10. Според италијанските медиуми, во време на несреќата на него имало 35 возила и три камиона, Прелиминарните податоци говорат дека делот кој се урнал од вијадуктот е долг околу 100 метри се урнал врз објектите над коишто минува, а тоа се трговски центри, станбени згради, фабрики и пругата Џенова – Милано.

Операторот со автопатите „ Autostrade per l’Italia“ соопшти дека на контроверзниот надвозник уште од периодот кога бил пуштен во употреба во 1септември 1967 година, бил честопати поправан, а неговата конструкција последен пат била зајакната во 2016 година, а дека во време на инцидентот траеле работи на зајакнување на неговите темели. Компанијата истакнува дека истрагата за околностите на оваа трагедија ќе бидат возможна само откако ќе се добие безбеден пристап до местото на несреќата.

Министерот за внатрешни работи Матео Салвини во својата изјава предупреди дека станува збор за „неприфатлив пропуст“. „Им се заблагодарувам на пожарникарите, професионалните спасувачи и доброволците коишто веднаш интервенираа….“, изјави Салвини на прес-конференцијата во Катанија на Сицилија.

Додаде дека се „обврзува пред Италијанците дека ќе биде упорен до крај во пронаоѓањето на одговорните за оваа катастрофа, бидејќи не е прифатливо на овој начин да се умре во 2018 година“. „Стотици пати минав преку овој вијадукт и ќе сторам сѐ за да ги најдеме имињата на одговорните. Неприфатливо е така да се умре во Италија“, порача Салвини. Евоскептикот, челник на партијата од крајната десница Лига, исто така, спомена дека се потребни вложуваат во големата италијанска дотраена инфраструктура.

Според телевизијата TG24COM, којашто се повикува на очевидци во надвозникот удрил гром. Весникот Repubblica, исто така, пренесува изјава на четирчлено семејство во состојба на шок за тоа дека во 10,35 часот гром го погодил еден од столбовите на вијадуктот, по што цементот почнал да се распаѓа, но се нaведува дека веројатно станува збор за сугестија во барањето причини за можната причина за несреќа.

Вијадуктот Моранди е пуштен во сообраќај на 3-ти септември 1967 година по четири години градење, а во 2016 година е реконструиран. Наречен е според проектантот, инженерот Рикардо Моранди, долг е 1.182 метри и низа години е под критики поради својата проблематична конструкција, пишува миланскиот дневен весник Corriere della Sera кој пишува дека се урнал можеби токму поради тоа. Корисниците на социјалните мрежи наведуваат дека конструкцијата повеќепати била ремонтирана и поправана.

Надвозникот кој минува над трговски центри,фабрики, станбени згради, железничката пруга Џенова – Милано и реката Полчевера, и е дел од автопатот А10, беше тема на јавни расправи на инженерите поради големите трошоци за одржувањето кои во еден момент би требало да ги надминат и самите трошоци за неговото градење, поради што некои дури и бараа тој да биде урнат и да се изгради нов.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.