Бројот на заразени од сипаници достигна до 38

Во последните 24 часа откриени се 3 нови сомнителни случаи, сите над 30 годишна возраст, објави Алфа.

Само еден од нив е задржан на лекување на Инфективната клиника. За овие пациенти нема податок дали се вакцинирани или не, но од вкупниот број на болни, како што велат епидемиолозите, вакцинирани се само неколкумина.

„Ако продолжи антивакциналното движење, ќе се соочиме со голем проблем во државата. Она што можеме да го спречиме, да не го лечиме. Она со што сега се соочуваме, со лекување на овие болести, а верувајте ми дека кост бенефитите од лекувањето на една болест чини колку вакцинирање на целата нација за една година“, рече меѓу другото директорката на детска клиника, д-р Аспазија Софијанова.

Зад важноста на вакцинацијата, покрај домашните, застанаа и педијатрите од Европа. Британскиот лекар Блер, вели дека за родителите треба да биде императив вакцинирањето на своите деца. Како негативен, го посочи примерот на неговиот колега Ендру Вејкфилд. Тој пред 15-тина година јавно кажал дека постои поврзаност меѓу вакцинацијата и аутизмот – тврдење кое сега е целосно отфрлено.

„Докторот беше исфрлен од медицинскиот регистар на лекари. Штетата што им беше направена на децата во нашата земја во однос на зголемување на сипаниците, беше запрепастувачка. Најлошо беше што имавме 6 смртни случаи во Обединетото кралство од сипаници, што е нечуено во 21 век во модерните Европски земји“, објасни д-р Мич Блер, од Империал колеџот во Лондон.

Засега, покрај прогласената епидемија, лекарите не препорачуваат вонредна вакцинација за заштита од сипаниците. Вакцина ќе примаат само граѓаните кои контактирале со болните. Половина од болните се возрасни луѓе, додека половина деца до 4 годишна возраст. Меѓу пациентите со морбили има и 2 ипол месечно бебе.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.