Бројoт случаи на сипаници во Италија рапидно расте

Во Италија се регистрирани 1.920 случаи на сипаници во првите четири месеци од годинава, што претставува зголемување од дури 523 отсто во споредба со истиот период минатата 2016 година, соопштија во четвртокот министерството за здравство и Националниот институт за здравје.

Соопштението доаѓа во периодот кога главната опозициска партија во Италија, Движењето пет ѕвездички се брани од тврдењата изнесени во воведниот на американскиот дневен весник The New York Times која ја обвинува дека води кампања против вакцинирањето.

Околу 88 отсто од луѓето кои се заразиле со сипаници не биле вакцинирани, а 73 отсто од нив имаат 15 или повеќе години, се наведува во споменатото соопштение, во коешто се истакнува и дека меѓу здравствените работници се регистрирани 176 случаи.

„Податоците за сипаниците се навистина загрижувачки, особено поради сериозните и опасни дезинформации коишто, исто така, ги шират некои политички структури, а поради што дел од луѓето одбиле да се вакцинираат“, изјавила италијанската министерка за здравство Беатриче Лоренцин за италијанската новинска агенција Ansa.

Челниците на Движењето пет ѕвездички, меѓу кои и неговиот основач познатиот сатиричар Бепе Грило, наводно објавиле лажни истражувања во коишто се наведува дека вакцината може да биде штетна, како и дека може да предизвика аутизам. Тие, исто така, водат кампања против задолжителното вакцинирање, наведува, пак, германската новинска агенција DPA.

Бепе Грило ги отфрли наводите на The New York Times изнесени во неговиот воведни од вторникот под насловот „Популизам, политика и сипаници“, нарекувајќи ги „лажни вести“.