Бројот загинати ученици во автобуската несреќа во Танзанија се искачи на 32, вкупно 35 загинати

(Photo by Xinhua)

Во несреќата на школскиот автобус во северна Танзанија во саботата загинале 32 ученици, двајца професори и возачот на автобусот, покажаа новите податоци на полицијата во неделата којашто смета дека најверојатна причина за трагедијата е преголемата брзина неприлагодена на условите на патот.

Претходно беше објавено дека животот го загубиле 29 ученици, од кои 12 момченца и 17 девојчиња. Три деца им подлегнале на повредите во болница. Во новиот биланс не е прецизиран полот на жртвите.

Несреќата се случи во саботата утрото кога автобусот слетал од патот и паднал во реката Марер, во танзанискиот округ Керату.

Учениците биле на возраст меѓу 12 и 14 години, и патувале на подготовка за приемни испити за средните училишта. Претседателот на Танзанија, Џон Магуфул, изрази сочувство на семејствата на жртвите по оваа трагедија.

Според началникот на регионалната полиција, „првите заклучоци укажуваат дека несреќата се случила поради брзината“.

Африка ја има највисоката стапка во светот по глава на жители според смртните случаи во сообраќајни несреќи, и покрај тоа што има само 2 отсто од вкупниот број возила во светот.

Лошата патна инфраструктура и нејзиното лошо одржување, се широко распространети на континентот.

Повеќе од 11.000 луѓе загинале во сообраќајни несреќи во Танзанија во периодот меѓу 2014 и 2016 година, според податоците на тамошната влада.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.