Бројот загинати во земјотресот во Индонезија се искачи на 82 (ФОТО)

Бројот на загинатите во потресот кој во неделата го погоди индонезискиот остров Ломбок се зголеми од 32 на 82 лица, соопштија ноќта кон неделата по средноевропско време државните власти.

Илјадници луѓе се евакуирани, соопшти индонезиската Агенција за ублажување на природните катастрофи, по потресот со магнитуда од 7 степени по Рихтер.

Епицентарот на потресот бил во морето, на длабочина од 10 километри, а 18 километри северозападно од Лаомбок, објави Американскиот институт за геофизика (USGS). По главниот удар, следеле дваесет послаби потреси, од кои еден бил со магнитуда од 5,4 степени по Рихтер. Властите веднаш издадоа предупредување за цунами, коешто подоцна беше повлечено. Сепак, две села биел поплавени.

Пред една седмица Ломбок беше погоден од земјотрес со магнитуда од 6,4 степени, кој однесе 17 животи и уништи многу домови на островот.

Двата најголеми светски архипелага Индонезија и Филипини, се дел од таканаречниот Пацифички огнен прстен, плоча која е формирана на дното од Индискиот и западниот дел од Тихиот Океан, која на ова место навлегува под Азиската плоча. Како резултат на движењето на овие две плочи на териториите на овие две земји се чести земјотресите и вулканските ерупции. Со тоа овој регион е една од сеизмички најактивните зони на планетата.

Во овој дел од светот се наоѓаат најактивните тектонски плочи, од кое едната се движи со брзина од седум сантиметри годишно. Годишно сеизмолозите регистрираат меѓу шест и седум илјади потреси со магнитуда над 4,0. Во декември 2004 година, катастрофален земјотрес со јачина од 9,2 степени крај Суматра предизвика цунами во коешто загинаа над 230.000 луѓе во десетина земји.