Брошура за словенските малцинства меѓу кои и македонското во Албанија

Федералната унија на европските националности (ФУЕН) отпечати нова брошура АГСМ (AGSM) во која се претставени словенските малцинства кои живеат низ цела Европа.

Во брошурата се опфатени 28 малцинства од словенската група кои членуваат во ФУЕН. Меѓу нив е и македонското во Албанија за кое се прави приказ каде живее, какви се неговите права, неговите друштва, одбележувањето празници.

-Со независноста и воспоставувањето на кралството Албанија во 1912 година, во денешните актуелни граници на земјата, македонското малцинство се најде во пограничните региони на земјата. Тука спаѓаат населбите во Голо Брдо, Пешкопеја или Долни Дебар (дебарско поле), Мала Преспа и Гора, а денес ги има и во најголеми градови во земјата. На територијата на Република Албанија живеат околу 120.000 припадници на македонското национално малцинство, стои во брошурата.

Се нагласува дека македонското национално малцинство е официјално признато само во Мала Преспа и Врбник, но „не е соодветно заштитено”.

-Настава на мајчин јазик нема во Голо Брдо, Гора и Врбник, меѓу другите, а македонскиот не се користи официјално и во поголемите градови, каде живеат многу Македонци. Националното малцинство е исто така застапено во медиуми, но обемот во никој случај не е доволен за да се задоволат потребите. Весниците „Илинден” и „Преспа Дејли” се објавуваат еднаш месечно, а македонското здружение „Сонце” работи двојазичен онлајн портал „Македониум”. Македонска радио програма во ТВ Корча се емитува од 1991 година.Од 2017 година, постои емисија на македонски јазик на државната телевизија, што се емитува пет дена во неделата, се наведува во брошурата.

Исто така стои дека фолклорните и музичките групи во Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и Врбник го негуваат богатиот македонски фолклор.

Се споменуваат македонските друштва и празниците кои Македонците ги одбележуваат.

-Постојат друштвото „Илинден” со седиште во Тирана, организација за заштита на правата на Македонците во Албанија „Преспанско друштво”, политичко-културното здружение „Мир”, етнокултурното здружение „Гора” и друштвото „МОН” (Македонско Егејско друштво ). Најважните празници на македонското малцинство во Албанија се православните празници според стариот календар: покрај Божиќ, Велигден, Василица, Водици, свети Кирил и Методиј, свети Климент Охридски, свети Наум Охридски, свето Преображение,како и Курбан Бајрам, Фитр Бајрам и Летник и историските празници, како што се 2 август, во чест на Илинденското востание на македонскиот народ, 8 септември Ден на независноста на Македонија и 23 октомври како Ден на македонската независност, пишува во брошурата.

Посебно место е отстапено за македонското друштво „Илинден” – Тирана основано во 2009 година и член на ФУЕН од 2015 година, чиј претседател е Никола Ѓурѓај.

-Основни задачи на друштвото се зачувување и зајакнување на етничкиот, лингвистичкиот, културниот, религискиот, како и историскиот и државниот идентитет. Постојаното постоење и интеграцијата на Македонците во политичкиот систем и институциите на Албанија исто така ја одредуваат и дејноста. Овие цели треба да се постигнат пред се преку работата на печатот и медиумите, со публикации, како и преку културната и едукативната работа, се посочува во брошурата.