Брзај, брзај прваче на биологија, хемија и физика

Учениците од прво, второ и трето одделение од септември ќе изучуваат биологија, хемија, физика и научно истражување, а предметот Запознавање на околината ќе се замени со Општество. Програмата по математика ќе биде поделена на пет подрачја -броеви, математички операции, геометрија, мерење, работа со податоци и решавање проблеми, а бројот на часови од четири ќе се зголеми на на пет часа неделно.

Наставната материја е адаптација на програми од Меѓународниот центар за наставни програми на Kембриџ.

За  начинот на презентација  на областите од природните науки, наставниците веќе посетуваат обуки. Kарактеристично е тоа што содржината од новите предмети учениците ќе ја совладуваат преку игра, креативно и интерактивно. Но, сепак, новините наложуваат и зголемување на бројот на часови, бидејќи природните науки се предвидени да се изучуваат во два часа неделно. Така, третоодделенците дури четири дена ќе имаат по шест часови, а еден ден по пет, односно 29 часови неделно.

Родителите реагираат дека ваквото темпо е тешко издржливо за деца од осум години, а сличен е и ставот на наставниците кои најдобро знаат колкава може да биде концентрацијата на учениците на оваа возраст.

„Децата не се подготвни за ова, не можат да издржат по шест часови, иако наставата е предвидена да се одвива низ игра. Покрај тоа, оваа програма предвидува многу нагледни средства и материјали, што не секое школо ги има. На пример, прожекторот е еден од главните потребни наставни средства, но  претежно во училиштата има само по еден, а и голем дел од помалите училишта воопшто не поседуваат такво нешто“, вели една од наставничките, која во моментот е на обука за новата наставна програма.

Воведувањето на новите предмети  уште на самиот старт на школувањето, на наставниците кои ги посетуваат обуките им било кажано дека е поради слабите резултати кои нашите ученици ги покажувале на натрпреварите по природни науки.

Преводи за учебниците по новите предмети засега има обезбедено само за првото полугодие.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.