Бујар Османи во посета на Естонија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи тридневната балтичка турнеја, денеска ја продолжува со посета на Естонија. Османи во Талин ќе се сретне со естонскиот министер за надворешни работи Урмас Реинсалу, како и со претседателот на Парламентот на Естонија, Јури Рутас, а ќе ги посети и Естонскиот центар за меѓународен развој и Центарот за соработка во кибер одбраната на НАТО.

Шефот на македонската дипломатија вчера ја посети Литванија. Актуелните состојби во регионот на Западниот Балкан, евроинтегративниот процес на земјава, предизвиците кои произлегуваат од војната во Украина, како и улогата на Северна Македонија и Литванија како членки на НАТО, беа главни теми на средбите во Вилнус со неговиот литвански колега Габриелиус Ландсбергис и со претседателката на литванскиот парламент, Викторија Чмилите-Нилсен.

Тој во Вилнус го посети и Центарот за соработка во енергетската безбедност на НАТО и учествуваше на Форумот на високо ниво за иднината на демократијата, кој е подготовка на идниот Самит за демократија, што ќе се одржи на пролет следната година во организација на американскиот претседател Џо Бајден.

Балтичката турнеја, Османи ќе ја заокружи со утрешната посета на Летонија и средбите во Рига со летонскиот министер за надворешни работи Едгарс Ринкевичс и со претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика, Рихард Колс. Планирана е средба и со македонските војници кои се дел од словенечкиот контингент на Мисијата на НАТО за зголемено засилено присуство во Летонија.