Бујар Османи задоволен од пораките на грчкиот министер Дендиас

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска по средбата со неговиот дански колега Јепе Кофод изјави дека иако политичката ситуација во Бугарија е доста комплексна, со оглед дека таму ќе има трет изборен циклус, земјава ќе продолжи да работи и со Софија и со европските партнери, со цел побрзо почнување преговори за членство во ЕУ.

– Јас сум оптимист по природа, но од искуството од претходните месеци ќе биде сигурно не така лесно да се стигне до решение. Но, ние ќе продолжиме да работиме и со Република Бугарија, меѓутоа и со европските партнери. Присуството на министерот овде, неговите силни зборови на поддршка, неговата констатација дека земјата заслужува почеток на преговори, дека треба да ги почне преговорите е навистина силна порака која што одекнува секаде низ ЕУ, а верувам дека и во Република Бугарија бидејќи не е прашање само на тоа дали Република Македонија ќе ја одржи првата конференција оваа година, туку која е перспективата на регионот по однос на Унијата и кој е кредибилитетот на целиот овој процес, рече Османи.

Според него, пораките што вчера ги упати шефот на грчката дипломатија Никос Денсиас, и денеска министерот на Данска, Кофод, се силни пораки коишто охрабруваат и даваат оптимизам дека земјава е на вистинскиот пат.

– Тоа се навистина силни пораки коишто ме охрабруваат мене, ми даваат повеќе оптимизам, но е најважно ги охрабруваат граѓаните дека оваа земја е на прав пат, оваа земја е подготвена, оваа земја има перспектива и не е прашање дали ќе ги започне преговорите и дали ќе стане членка на ЕУ, туку кога тоа ќе се случи и на тоа работиме на сите можни фронтови за да биде што побрзо, истакна Османи

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.