Буџетот за култура е скратен за 34,6 отсто во програмскиот дел

-Со реабалансот на буџетот кој пред извесен период беше изгласан во Собранието, кратењето на буџетот за култура изнесува 34,6 отсто и тоа е од програмскиот дел. Направивме кратења или пренамена на средства од оние ставки каде сметавме дека тоа е возможно и каде ќе биде најодржливо, изјави денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на средба со медиуми.

Таа појасни дека најголем дел од кратењата претрпел програмскиот дел на Министерството за култура.

-Се направија дополнителни кратења од буџетот на самото Министерство за култура, а тоа беа средства кои беа предвидени за набавка на нова ИКТ опрема, награда за вработените, која следува и која постои во буџетот, а не по другите културни институции, за да можеме да ги одржиме оние проекти и оние корисници чија единствена заработка е токму преку МК, а тоа е неазвисна сцена и други корисници, изјави Костадиновска-Стојчевска по денешната средба со новинарите.

Министерката информира дека интензивно разговараат со сите национални установи доколку може да се покаже едно ниво на солидарност и да дозволат да биде скратен дел од нивната програма бидејќи овие кратења се прават за да се одржат платите на вработените во институциите за култура. Додаде дека вработените се на ниво на јавна администрација и таму, како што рече, допрва нивното зголемување на плати треба да се регулира.

Костадиновска-Стојчевска образложи дека ова кратење на буџетот се направило и поради зголемените трошоци за електрична енергија, кое ресорното Министерство ги плаќа во име на институциите од култура. Таа потенцира дека капиталните инвестиции ќе претрпат најмалку кратење, односно ќе има најмала пренамена на средства од капитални инвестиции во овој сегмент, дали за плати или за електрична енергија. Додаде дека за да имаме активна културна сцена треба да имаме институции кои тоа ќе го овозможат бидејќи и другите корисници ги остваруваат своите проекти најчество во институции од културата.

Според Костадиновска-Стојчевска, откриена е нова пратка на македонски икони. -Во тој процес на реституција со Република Албанија на веќе украдени икони, токму кога тој процес на 25 икони се заокружи, откривме нова пратка на икони, каде од 45 икони, веќе 23 или 24 се идентификувани дека се наши. Направивме тим од министерството и Управа за заштита на културно наследство кои веќе се испратени на терен и работат на препознавање на остатокот од иконите, изјави таа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.