Буџетот за високото образование и за наука се носат нетранспарентно

Буџетот за високо образование и за наука не се носи во транспарентна постапка која би требало да ги вклучува чинителит, а исто така и не ги одразува реалните потреби на високото образование и науката, е еден од главните резулати добиени во рамките на проектот „Финансиска транспарентност во високото образование и науката во РСМ“, спроведен од Независниот академски синдикат (НАкС).

Изминатиот викенд Независниот академски синдикат (НАкС) организираше работилница во Крушево на која беа презентирани податоци од досегашните истражувања како основа на дискусијата за натамошните стратешки планови за делување на синдикатот.

На средбата беа презентирани анализите за транспарентноста на буџетите за високо образование и наука и партиципацијата на јавните високообразовни и научни установи во нивното креирање; компаративна анализа на движењето на буџетите за високо образование и наука во однос на БДП за период од последните деветгодини, но и во однос на останатите држави во Европа, анализа на структурата на вработените, како и  на висината на платите на вработените во  јавните високообразовни и научни установи во  Македонија.

Резултатите од досегашните истражувања покажуваат дека:

1. Буџетот за високо образование и за наука не се носи во транспарентна постапка која би требало да ги вклучува чинителите; тој во моментов е речиси формално и фактички недостапен и не постојат канали за влијание кои би обезбедиле буџетот да ги одразува реалните потреби на високото образование и науката;

2. Вложувањата во високото образование се меѓу најниските во Европа и во континуитет опаѓаат; вложувањата во науката се исклучително мали, но и тие средства кои се предвидени не се насочени директно во научно истражувачката дејност;  процентот на реализација на доделените средства е мал и постојано опаѓа како резултат на креирањето буџет кој не соодветствува на реалните потреби;

3. Постои голема разлика во платите и структурата на наставниот кадар меѓу универзитетите – најниски се просечните професорски плати на УКИМ и УКЛО. Но, исто така, на овие два универзитета состојбата со асистентите, кои за кратко време ќе треба да ги заменат своите професори, е алармантна. Големи разлики постојат и во соодносот меѓу наставниот и ненаставниот кадар (парадоксално – најмалуброен е административно-техничкиот кадар на старите, неинтегрирани  универзитети, додека кај интегрираните: ДУТ, УГД и  Универзитет Мајка Тереза таквиот кадар е во значително поголем процент). Проценката е дека со ваквите политики, главно насочени кон УКИМ и УКЛО, овие универзитети се оставени полека да изумираат.

4. Врз основа на изнесените податоци, на средбата се разговараше за прашања од стратешки интерес за натамошното дејствување на НАкС, како и за чекорите кои треба да бидат преземени во правец на итни промени што ќе влијаат врз ублажување на последиците од досегашните погрешни политики. Таквите промени се нужни за да се унапреди квалитетот на образованието и развојот на научно-истражувачката работа, како и за да се врати достоинството на вработените во овие сектори.

Во рамките на ова истражување во континуитет ќе следат споделувања на информации и податоци со јавноста, а во текот на месец март идната година ќе биде објавена и студијата со целокупните анализи, заклучоци и препораки. Од НАкС, исто така, посочуваат дека целта на нивниот ангажман е квалитетно образование и соодветни и достојни  услови за работа, затоа штом како што истакнуваат, единствениот загарантиран пат до развојот на општеството е преку вложувањата во образованието и науката.